„Како да се стане пилот“ е најпребаруваната реченица на интернет ширум светот годинава, а професијата пилот најпосакувана.
Многумина посакуваат, малкумина успеваат. Тие кои ја добиле шансата, ги уживаат плодовите од напорната работа, но пилотите кои се дел военото воздухопловство уживаат и посебна почит и доверба.
Враќањето на двата воени хеликоптери М-8, кои беа на ремонт во Чешкиот ремонтен завод беше причина да го посетиме воздухопловниот ВИНГ и да поразговараме со нашите воени пилоти. Механџиски беше дел од екипата која ремонтираните воздухоплови ги врати во Македонија.
-Поголема активности имаше околу подготовката за самиот прелет бидејќи се прелетуваат воздушни простори на повеќе држави од Чешка преку Австрија, Унгарија каде слетавме и следниот ден продолживме преку Хрватска, Србија и се вративме кај нас. Подготовката за еден меѓународен прелет е поголемиот дел од ангажманот и активноста. Прелетот, ако се е во ред со воздухопловот со временските прилики, нема нешто посебно карактеристично, вели пилотот Панче Механџиски.
Формирани на 10 април 1992 година со одлука потпишана од првиот претседател Киро Глигоров, но како ден на македонското воено воздухопловство се слави 10 јуни кога е изведен првиот лет со целосно македонска посада кој траел 20 минути.
Воздухопловниот ВИНГ обезбедува воздушна поддршка и транспорт на единиците на Армијата, врши набљудување на воздушниот простор, и обезбедување на негов целосен суверенитет. Учеството во операции за поддршка на мирот надвор од државата е дел од нивната мисија, како и учество при елементарни непогоди и катастрофи, гаснење на пожари и медицинска евакуација.
Последниве години активно земаат учеството во справувањето со шумските пожари во земјава. Годинешново жешко лето го заокружиле со околу 152 часа налет и исфрлени над 1.200 тони вода на опожарените места. Но не секогаш доаѓа до реализирање на плановите, кога состојбата на терен го налага спротивното.
-Гаснењето на пожар за нас како оперативна единица која се бави со таа активност претставува една од најкомплицираните и најтешки задачи затоа што често пати кога ќе одиме на терен, на лице место, кога ќе закачиме ПП ведро, одиме кон место на полење вода. Прво местата за полнење вода кај нас во државата се ограничени, не секогаш пожарот е каде што има извор на вода, па многу често полниме вода од мали акумулации каде има простор колку хеликоптерот да го собере, не повеќе. Првата препрека кога ќе отидеме до пожарот е чадот, ако нема ветер посилен, често може да биде налегнат, да нема видливост и не сме во можност да исфрлиме вода. Доколку сме во можност да работиме, поголема опасност е фактот што исфрлувањето на вода секогаш мора да биде ниско, близу до самото место на пожар. Исфрламе вода на висина од 30 до 50 метри со брзина до 90 километри на час што значи дека се приближуваме многу близу. Посадата мора да направи проценка од кај дува ветерот, од кај да се влезе, да се излезе, хеликоптерот пред самото исфрлање на вода е многу оптоварен бидејќи ведрото тежи околу два тона. Секогаш кога одиме на гаснење на пожар, летањето е до максимално оптеретување на посадата и потрошувачката на гориво. Бев учесник оваа година во гаснење на пожарот во Ново Село каде имаше зафатено две-три куќи, луѓето кажуваат дека сме завршиле многу работа, сме помогнале да не се прошири пожарот на другите куќи и тоа е убаво чувство кое го дава летањето по завршена успешна задача, истакнува Механџиски.
Стручноста и ресурсите стојат зад успешната реализација на задачите. Во планот за модернизација на Армијата, влегува и воздухопловниот ВИНГ, најавено е пристигнување на нови осум хеликоптери.
-Во тој план на модернизација воздухопловниот ВИНГ е опфатен со набавка на средства за противвоздушна одбрана кои треба да пристигнат кон средината на идната година и за две години од сега треба да пристигнат осум хеликоптери од италијанската компанија Леонардо. Четири хеликоптери AW169 со четири AW149, тоа се хеликоптери од најнова генерација на воздухоплови кои имаат технички-тактички карактеристики кои ги задоволуваат сите стандарди на НАТО и со кои оперативните способности на единицата ќе се зголемат значајно. Овие нови типови на воздухоплови ќе предизвикаат внимание, посебно кај млади луѓе амбициозни, кои ќе сакаат да се приклучат да бидат дел од нашето семејство. Министерството за одбрана многу брзо ќе распише конкурс за пилоти, како и конкурс за нов воздухопловно технички персонал, вели командатот на воздухопловиот ВИНГ, полковник Игор Стоименовски.
Желбата за воено пилотирање била поголема од сите предизвици и ризици кои со себе ги носи професијата. За чекорите во вингот направени пред повеќе од десет години, ниту Дејан, ниту Панче не зажалиле.
-Пресвртна точка ми беше кога завршив факултет видов дека имало конкурс за обука на воени пилоти, го испуштив за жал, ми беше криво. Потоа ги следев огласите, го чекав следниот. На вториот конкурс, аплицирав и од 130-140 луѓе кои беа одбрани да одат на процес на селекција јас и уште еден колега успешно го завршивме и од кога почнав активно да летам сфатив дека тоа е многу благородна и убава професија и дека сакам тоа да го работам, раскажува Панче.
-Отсекогаш постоела желба за летање, конкретно во военото воздухопловство, не во цивилните структури. Желбата постоела, поголем проблем биле можностите. Но со оглед и на моите претходни определби во некоја безбедносна сфера, високото образование на факултетот за безбедност, секогаш сум бил наклонет кон безбедноста и летањето била една од желбите, но можностите биле оскудни во тоа време. Тоа се се промени во 2012 година со самото отворање на Центарот за обука на пилоти. Јас сум еден од првите пријавени, од првите продукти на таа школа, ни откри пилотот Дејан Славевски.
Велат, секој кој се гледа себе си во оваа професија и размислува за истата, треба да се пријави во наредна прилика. Процесот на селекција не треба да биде пречка и страв, а Славевски објасни како се одвива целата постапка.
-Подобра канцеларија од кабина на воздухоплов нема да најдат на нигде на било која друга работа. Од друга страна , патриотското чувство кај секој треба да проработи и секој да проба ако има желба, можност да биде дел од македонското воено воздухопловство со тоа ќе биде исполнет како личност и ќе даде придонес за нашата држава, дециден е Механџиски.
-Поделен е во неколку фази, пред се започнува со самото пријавување на кандидатите кои ги исполнуваат условите. Секој кандидат мора да има завршено високо образование, да има многу високо ниво на познавање на англискиот јазик и да биде во одлична психофизичка кондиција. Има соодветни тестирања во фазата на селекција кои се елиминаторни. Самиот процес на селекција е поделен во неколку фази, покрај споменатите тестирања, еден голем дел од самата селекција опфаќа психолошка евалуација на кандидатот од страна на стручни лица каде се бараат одредени особини потребни за оваа професија. По завршени неколку интервјуа, задачи на индивидуална работа, задачи во групна работа и финално интервју, стручните психолози даваат мислење за кој од кандидатите треба да продолжи процесот на селекција, а за кој да прекине во таа фаза. По извршените психолошки тестирања, следува селекција на земја каде се полагаат неколку теоретски предмети и во истата фаза има еден дел во воздух, односно 10 селективни лета на авионот ЗЛИН 242. Секој од тие летови и тестирања е елиминаторно. По завршени десет лета ако кандидатот успешно ги положил сите тестови и успешно ги извел десетте планирани лета, го стекнува статусот кадет на обука за пилот. Тоа не е гаранција дека секој кадет што стигнал до оваа фаза ќе ја заврши самата обука, која има елиминаторен карактер. Се ценат неколку критериуми и доколку некој од кандидатите не задоволува некој од критериумите истиот може да биде отстранет од курсот, односно неговата обука да прекине, го објасни процесот Славевски.
Срамежливите насмевки на Дејан и Панче скриени зад професионализмот, а кои одаваат задоволство и исполнетост беа повеќе од доволен одговор зошто се одлучиле за оваа професија. Сепак споделија што длабоко во нивните емоции буди нивниот животен повик.
-Првиот збор кој се врзува со летањето е адреналин. Ова е пред се адреналинска професија, пред се летањето со хеликоптер, затоа што летањето со авион е на поголеми височини. Во хеликоптерското, особеното военото летање, често задачите се извршуваат на мала висина на теренот со безбедносни предизвици и доживување на природата, опкружувањето на еден друг начин кој буди емоции, истакнува Панче.
-За мене лично тоа би било некое високо ниво на самоостварување, постигнување на лични цели се во улога на пружање помош и заштита на татковината. Од друга страна, ние пилотите малку сме и адреналински зависници и оваа професија се вклопува во тој сегмент, мене лично и тоа ми одговара, тука некаде би било објаснувањето, открива Дејан.
Си подадовме рака, во некоја следна прилика дел од адреналинот во височините преку воените хеликоптери, да почувствуваме и ние.