Во изминатото деноноќие на територија на цела држава имало девет пожари на отворено и сите се изгаснати. Интервенирале пожарникарите од Скопје, Велес, Кочани, Куманово, Старо Нагоричане и Крива Паланка, соопшти денеска Центарот за управување со кризи (ЦУК).
Тројца скопски пожарникари вчера со едно возило гаснеле запалена депонија на површина од 1 000 метри квадратни кај обиколницата кај Смилковското езеро, Општина Гази Баба.
ТППЕ Велес вчера попладне интервенирала на запалено ѓубриште во село Башино Село, во близина на игралиштето, а ТППЕ Кочани вчера гаснеле на две места во село Горни и Долни Подлог и кај село Кучичино во Општина Кочани. ТППЕ Виница во изминатото деноноќие имала една помала интервенција.
Кумановските пожарникари вчера попладне два пати интервенирале на запалена ниска вегетација во село Долно Коњаре, а ТППЕ Старо Нагоричане гаснеле запалено стрниште во село Младо Нагоричане, во маало Барабци, каде било опожарено стрниште со површина од 0,4 хектари.
ТППЕ Крива Паланка вчера гаснеле запалена ниска вегетација и грмушки во село Ранковце, кај месноста „Десетак“. Била опожарена површина од околу 0,4 хектари во Општина Ранковце.
Изминатото деноноќие имало вкупно 1 621 повици на бројот за итни случаи 112 во ЦУК. Од нив „реални“ повици биле 59,35 отсто, а 40,65 отсто биле за други потреби на граѓаните што не биле итни. Кон полиција биле упатени 72,55 отсто, кон итната медицинска помош 21,57 отсто, а кон пожарникарите 2,08 отсто од реалните повици кон 112.