Ракометниот клуб Вардар со еден бод се враќа од гостувањето на Исланд, кај екипата на Валур. На крајот мечот заврши нерешено 34-34, иако Вардар можеше да остане и без бод, со оглед дека Срдановиќ во последната секунда од пенал донесе бод за „црвнео-црните“. Бодот не е доволен за пласман понатаму, а пред последното коло постои само теорија.
Македонскиот претставник не го почна мечот согласно очекувањата. Валур во еден миг имаше и +5 (14-9), но вардарци успеаја брзо да се врата, и не дозволија разликата да расте. На одмор заминаа со подносливи еден гол негатива.
Валур одново ја презеде иницијативата, имаше неколку пати предност, а потоа ги казни грешките на гостите, и успеа да стигне и до +3 (29-26). Вардар се врати, успеа да израмни, па дури и да поведе 32-33 на три минути пред крајот.
Во клучните мигови, „црвено-црните“ останаа со играч помалку, но па со два гола исланѓаните поведоа со 34-33. Сепак, Срдановиќ од пенал успеа да донесе на крајот реми.
Тордарсон со 11 голови беше најефикасен на средбата и кај Валур, додека кај Вардар по пет голови постигнаа Георгиевски, Хориха, Маргели и Срдановиќ.