Свет

Русија тврди дека Украина истрелала шест американски ракети АТАКМС врз областа Брјанск, Москва соборила пет

Русија тврди дека Украина истрелала шест американски ракети АТАКМС врз областа Брјанск, Москва соборила пет

Министерството за одбрана на Русија денеска соопшти дека Украина истрелала шест американски балистички ракети „АТАКМС“ (ATCMS) врз руската област Брјанск, која се наоѓа 400 километри јужно од Москва.

Во соопштението, Министерството наведе дека рускиот ракетен систем „Панцир“ ноќеска соборил пет ракети, а една била оштетена.

Делови од ракетата паднале на подрачјето на воен објект, соопшти Министерството, без да прецизира кој објект е во прашање.

Ова објавување следи два дена по одлуката на Вашингтон да ја укине забраната дадена на Украина за употреба на американски ракети со долг дострел за напади врз цели во Русија.

Украина не ја потврди веднаш употребата на ракетите АТАКМС во нападот врз Брјанската област, но Генералштабот на Украина соопшти дека извршил напад врз магацинот 1046. Центар за логистичка поддршка во регионот Карашев, каде што се слушнале повеќе експлозии.

„Ќе продолжиме со уништување на магацините со оружје на руските окупаторски сили со цел да се стави крај на руската вооружена агресија врз Украина“, се наведува во соопштението на украинскиот Генералштаб.

Системот MGM-140 (ATACMS) е суперсонична тактичка балистичка ракета произведена од американските компании „Линг-Темко-Воут“ и „Локхид Мартин“. Таа користи цврсто гориво, долга е четири метри, а варијантите со најголем дострел можат да летаат до 300 километри.

Овие ракети можат да се истрелуваат од ракетниот систем за повеќекратно лансирање M270 (MLRS) и високомобилниот ракетен систем M142 (HIMARS).

To top