Потпретседателот на Владата на Македонија и министер за односи меѓу заедниците, Иван Стоилковиќ оствари работна средба со Елена Младеновска-Јеленковиќ, извршен директор на здружението „Вина од Македонија“.
Двајцата соговорници на средбата, а во пресрет на третата по ред „Винска визија – Отворен Балкан“ што од 22 до 24 ноември се одржува на Белградскиот саем, зборуваа на тема претставување на домашните изложувачи на Саемот, како и унапредување на винската индустрија во регионот, со цел успешна презентација и интеграција на вината од Македонија и регионот во глобалната и европска економија. Воедно, на средбата стана збор и за потенцијалите на македонската винска индустрија, како и за надминувањето на проблемите со кои се соочуваат домашните производители.
Инаку, во склоп на „Винска визија – Отворен Балкан“, саем на вино, храна и туризам што се одржува во рамките на Отворен Балкан афирмираната платформа за мир, ќе настапат повеќе од 80 изложувачи, а ќе бидат претставени македонските винарии и дестилерии.
„Винска визија – Отворен Балкан“ е одлична можност за презентација, промоција, но и поврзување на регионот во смисла на размена на производите, па за таа цел вицепремиерот и министер Стоилковиќ и Младеновска – Јеленковиќ се согласија дека е важен заедничкиот настап на сите земји од Западен Балкан, за успешното претставување во голема мера да може да придонесе за понатамошниот развој на домашната економија. А со оглед на тоа дека сме лидери во производство на вино и винската индустрија е вистински амбасадор на државата и со вкупен извоз од 50 милиони евра годишно придонесува во бруто домашниот производ, е потребна поддршка, односно важно е да се дискутира за развој.