Култура награда

Во Радовиш почнуваат 51- те „Караманови средби“

Во продолжението на Манифестацијата следуваат настапи на поетите учесници на 51-те Караманови средби и роднокрајни поети од Радовиш, а годинашното издание завршува утре со промоција на наградените книги.

Во Радовиш почнуваат 51- те „Караманови средби“

Во Радовиш денеска точно на пладне ќе почне 51. издание на Меѓународната поетска манифестација „Караманови средби“. На отворањето ќе бидат промовирани книгите за деца „Големата и малата мечка“ (раскази за деца) и баснарката „Приказни за деца и животни“ од Тихомир Јанчовски.

Свеченото отворање ќе се случи во Музејот на љубовта и уметноста со доделување на наградата „Караманов 2024“ за најдобра книга од македонски автори на поетесата Ирена Павлова Де Одорико за книгата „Новоженство“ и Интернационалната награда за поезија „Ацо Караманов“ на руската поетеса Олга Панкина за книгата „Меѓусебна потрага“.

Жири комисијата на манифестацијата додели специјална награда „Караманов 2024“ на книгата „Пристоен предлог и други песни“ од Тихомир Јанчовски заради исклучителните вредности на стихот како сведоштво и одбрана на хуманизмот и бескрајната добрина на човекот чие срце е како тупаница во градите и кое одвнатре е химна на доброто со дупка која нема дно и крај на добрината и ги реафирмира човечките вредности, бидејќи од сиот жив свет „само човекот може да љуби и зборува“.

Во продолжението на Манифестацијата следуваат настапи на поетите учесници на 51. Караманови средби и роднокрајни поети од Радовиш, а годинашното издание завршува утре со промоција на наградените книги.

Средбите се одржуваат под покровителство на Министерството за култура и туризам и градоначалникот на Општина Радовиш, а ги организираат и реализираат Центарот за култура „Ацо Караманов“, Советот на 51. Караманови поетски средби, како и ОНБ „Браќа Миладиновци“ од Радовиш.

To top