По натпреварот во Скопје селекторот на фудбалската репрезентација Благоја Милевски истакна дека целта е остварена, но за нив ништо не е завршено и дека против Фарски Острови одат на нов триумф.
„Како што најавив претходно, знаевме дека ова ќе биде многу поразличен и потежок натпревар од оној во Рига. Таа моја прогноза се оствари. Но, мислам дека трпението и истрајноста кај момците вроди со плоди заслужено славевме нова победа. Можеби требаше да постигнеме уште некој гол и да славиме со поголемa разлика. Нашата цел е остварена, Македонија ќе игра во Б сегментот во Лигата на нации.
Сега нашата нова цел е да извојуваме победа и над Фарски Острови и да се надеваме на втор бараж за Светско првенство. Немаме притисок, само мотив плус за да испишеме нова историја и да го повториме успехот од пред две години. Македонија чекори по вистинскиот пат, потребни ни се три бода на последниот натпревар и потоа ќе ја погледнеме табелата“, изјави Милевски.
Селекторот се осврна и на повредата на Елмас, кој натпреварот го заврши уште во првото полувреме.
„Секоја чест за Елмас. Со таква повреда не го штедеше своето здравје и имаше желба да настапи. Тоа е само доказ колку овие момци ја сакаат репрезентацијата и не се штедат кога го носат овој дрес“, рече Милевски.
Средбата против Фарски Острови се игра в недела, со почеток од 15:00 часот.