Интервјуа Курир интервју

Христовски: Падот на СДСМ е евидентен и повеќе од реален

Претседателот на градскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ Бојан Христовски во ексклузивно интервју за Курир вели дека падот на СДСМ е евидентен и повеќе од реален.

Христовски: Падот на СДСМ е евидентен и повеќе од реален

Господине Христовски нешто повеќе од 8 месеци сте Претседател на Градскиот Комитет на ВМРО-ДПМНЕ, со какви предизвици се соочувате периодов?

Во 2017 и 2020 година СДСМ успеа да формира влада. Вети големи работи. Не ги исполни! По 7 години се покажа дека се случи вистинско разочарување со СДСМ. Добербата на граѓаните е нешто што никој не смее да го изневери, таа е нешто свето и не смеете да дозволите таа да се злоупотребува. Премногу луѓе во нашава земја се обременети со егзистенцијални проблеми. Нивната судбина е доведена во прашање. Економска напредок нема. Државата стои. А, има сила! Тука го гледаме и најголемиот предизвик. Наша цел е да го промениме ликот на македонската политика и да го обновиме нејзиниот углед во очите на граѓаните. За таа цел, нашиот тим беше составен од личности што имаат сила неуморно да работат, кои на своите плеќи не носат товар од минатото и на чиј збор може да се верува. Во изминатите осум месеци посветено работевме и покажавме дека ние сме таа сила, заедно со граѓаните! Ние сме силата што ќе тргне со големи чекори напред!

Вие со вашиот тим отворивте канцеларија во центарот на Скопје каде секојдневно имате средби со граѓани, здруженија, организации, дали ги детектиравте проблемите со кои се соочуваат граѓаните?

Отворањето на канцеларија на една од најфреквентните локации во Скопје во целост ја оправда очекуваната цел и динамика на работа. Имено, во рамките на програмата на Градскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, изминативе месеци реализиравме низа активности во кои директно учество зедоа голем број граѓани, здруженија на граѓани и фондации, избрани и именувани лица од локалната и законодавната власт, наши поддржувачи, активисти, но и голем број на политички неопределени граѓани. Интересот беше огромен. Во многубројните формални и неформални разговори на најразлични теми беа детектирани конкретни проблеми за кои, во рамките на можностите уште веднаш се реагираше. Но, за дел од нив потребни се системски промени и дологорочни решенија на кои ќе се посветиме веднаш по промената на извршната власт. Воедно, би сакал да истакнам дека канцеларијата на Градскиот комитет – Скопје е секојдневно отворена за сите граѓани и претставува место каде во една пријатна атмосфера може да се поразговара за сите прашања кои ги засегаат, нивните сугестии, забелешки и предлог идејни проекти кои во подоцнежна фаза ќе бидат внимателно анализирани од експертски тимови во нашата партија и инкорпорирани во изборната програма.

Често се појавувате во улога на промотор на различни настани од хуманитарен карактер, каде и колку затаи државата со помош каде што е најпотребно?

За жал, во Република Македонија денес се соочуваме со целосен колапс на системот. Луѓето се оставени сами на себе да се снаоѓаат како знаат и умеат. Токму затоа, ние секојдневно сме соочени со плач, очај, апели и молби за помош преку средствата за јавно информирање. Улиците се полни со луѓе и деца што питаат. Голем е бројот на семејства што се на работ на егзистенција. Живееме во држава каде што основните прехрамбени продукти станаа луксуз за повеќето граѓани. Државата не обезбедува апсолутно никакви услови за лицата со попречености, како и оние со ретки болести. Тажно е тоа што постојат лекови за спас на нечие здравје и живот, а тоа е недостапно за граѓаните. Сепак, хуманоста треба да биде одлика на секој човек и да се практикува искрено и од срце секогаш кога можностите тоа ни го дозволуваат па затоа секогаш кога власта пофрла, акција превземаат самосвесните поединци, граѓанските организации, општествено одговорни компании, а во голем број на случаи биле вклучени и нашите партиски ограноци. Нашите членови, пријатели, поддржувачи и сите добри луѓе и во иднина ќе продолжат да помагаат и да работат на јакнење на колективната свест, но би сакал да апелирам и до сите раководни лица кои се наоѓаат на високи позиции во државните институции да покажат поголема самосвест, одговорност и сериозно да се зафатат со решавање на проблемите на социјално ранливите категории на граѓани.

На неколку месеци сме пред одржување на двојни избори, парламентарни и претседателски. Пред две години ВМРО-ДПМНЕ издвојува убедлива победа на локалните избори. Очекувате ли повторно две изборни победи?

На последните локални избори граѓаните го препознаа нивниот партнер во општините каде што живеат, а довербата што граѓаните ја дадоа, набрзо беше оправдана од страна на градоначалниците и советниците од редовите на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата. ВМРО-ДПМНЕ е сериозна партија чиј приоритет е целосно исполнување на изборната програма. Градоначалниците работат со полна пареа од првиот ден и тоа ќе биде така се до последниот ден од нивниот мандат. Тоа е начинот на работа на ВМРО-ДПМНЕ.

Во однос на изборите кои ни престојат би кажал дека не само што ќе се повтори победата од локалните избори, туку таа сега ќе биде уште поголема. Падот на СДСМ е евидентен и повеќе од реален. Показател за тоа се сите анкети кои се спроведени изминатиов период и тоа од страна на кредибилни истражувачки субјекти. Во оваа прилика би сакал да ги повикам сите граѓани на Република Македонија без оглед на нивната национална и верска определба на што поголема излезност на следните избори. На Македонија и е потребен нов пробив, а еден таков пробив подразбира и бара целосна промена на нејзината внатрешна виталност. Ова бара победа на духот над малодушноста, консолидација на сите составни делови на државниот и општествениот живот и потполна сосредоточеност на доследно и одговорно остварување на темелните цели и интереси на Македонија. ВМРО-ДПМНЕ има сила за таков пробив!Македонија има сила за таков напредок, да тргне со големи чекори напред кон просперитет и развој!

Долги години бевте дел од безбедносниот сектор, како ја коментирате безбедносната состојба во Македонија, се чини дека станавме Дивиот Запад, Ел Дорадо за сите светски криминалци…

Небезбедно! Тоа што порано го гледавме на филм, сега го гледаме во живо. Пукотници, убиства, дрога, корупција и криминал на секој чекор. Одговорност нема. Тоа е македонската сурова реалност.
Но зошто е тоа така? Во Министерството за внатрешни работи се случува партиско-полициски егзодус во кој професионалците се деградираат, малтретираат и казнуваат, додека пак клиентелистите и нововработените партиски послушници се поставуваат на клучни позиции. Корупцијата во безбедносните органи е достигната до тој степен што спрегата помеѓу криминалните и полициските структури е објективна реалност и “јавна тајна”. Скоро да не постои случај на организиран криминал во кој не е инволвирано лице од МВР или некоја од безбедносните агенции. Воедно не би можел, а да не ги споменам случаите на неоткриените училишни “бомбаши”, пасошите кои се издаваа на светски криминалци, сомневањата за загрозување на приватноста преку користење на шпионски софтвери и упте многу други случаи. Затоа е важно е да создадеме современ, функционален и ефикасен безбедносен систем кој исклучиво ќе работи во функција на заштита и безбедност на граѓаните.

Дали клучниот принцип на ВМРО-ДПМНЕ ќе биде борбата против корупцијата и организираниот криминал?

Македонија има системски проблеми во многу области, но корупцијата е втемелена и распространета насекаде. Граѓанската перцепција за корупција во државата е на толку високо ниво што некои за жал ја сметаат за нормална, а во исто време и неуништлива појава. До некаде е и разбирливо ова размислување, ако се земе во предвид дека на власта и е “полна устата” со борба против корупција и организоран криминал, додека во исто време спроведоа законски измени на Кривичниот законик со кои ги намалија казните токму за оние кривични дела кои во основа ја опишуваат корупцијата и во суштина најчесто се втемелени во организираниот криминал. Но, без разлика на нивните намери, никој нема да се спаси. Со доаѓањето на ВМРО- ДПМНЕ на власт, секој кој што направил криминал ќе одговара. Тоа ќе биде лекција за сите следни генерации. Лекција во смисла на неисплатливоста на корупцијата и организираниот криминал.

Сосема за крај, која е Вашата визија за Македонија?

Обновата е нашата визија за промена на тешката реалност во која живее секој граѓанин. Промените се нашата визија кои треба да донесат повеќе за секого, промени кои ќе ја направат Македонија онаква кaква што сакаме да ја имаме. Следува период на нова надеж, нов исчекор, кога ќе покажеме дека не сме сите исти и дека сме различни од сите претходни. Во наредниот период ќе работиме на новите мерки и планови заедно со најдобрите експерти од земјава и странство. Нашата програма ќе биде базирана на директните потреби на граѓаните и ќе ја синтентизира нашата визија со работи со конкретни рокови, за кои јас како човек и мојот тим се обврзуваме дека ќе ги исполниме. Го имате мојот збор, а дадениот збор е најважната обврска врз која почиваат угледот и честа на поединецот. Време е за системски промени и време е да завладее правдата. За нас е важно да нема повеќе невини луѓе во затвор, а најголемите криминалци да се наградуваат со позиции во извршната власт. Време е луѓето да разберат дека тие одлучуваат за промените кои сакаат да ги видат и дека единствен излез од ова сивило е масовна излезност на следните избори и поддршка за ВМРО- ДПМНЕ.

 

Најнови вести од Интервјуа

To top