Македонија Сведочење

Тетката на Вања: Александар ми рече да барам помош од Илон Маск

Тетката на Вања: Александар ми рече да барам помош од Илон Маск

Во Основен кривичен суд Скопје, во врска со убиството на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски денеска сведочеше тетката на Вања. Таа зборуваше за потрагата по нејзината внука.

Сведокот Маја Спироска на денешното рочиште, на прашања од обвинителката Жаклина Лазаревска, рече дека дента кога дознале дека Вања исчезнала со пријатели самоиницијативно прошетале по кафулиња во потрага по информација.

-Од вторникот веќе секој ден бев присутна, до неделата и понатака. Сите бевме во паника, сите ја баравме Вања. Имаше колешки од кај Зорица од работа, инспектори, Сашко, внукот мој јас кога си одев тој доаѓаше навечер. Ја баравме, пробувавме да гледаме некои видео снимки, рече таа.

Појасни дека таткото на Вања, Александар Ѓорчевски, заедно со неговиот пријател Гоце, кој таа не го познавала, ги гледале снимките, при што, како што рече, во еден момент го откриле Цитроенот.

– Сашко ги донесе снимките, ги гледаше, во соба на компјутер. Во првиот момент беше сам, подоцна дојде Гоце, јас не го познавам кој е. Со него после излагаа, наоѓаа снимки, гледаа. Гоце во еден момент го откри Цитроен возило, среда или четврток. Рече мислам дека имаме некаква трага, можно е. Мислеше дека самиот човек дошол ја земал и ја однел, појасни таа.

Тетката на Вања денеска рече дека им било чудно зошто детето некој организирано би го земал. Рече дека Александар ја утешувал мајката Зорица со зборовите „не се секирај, ќе ја најдеме“.

На прашањето дали Александар во тој период побарал нешто од неа, таа одговори дека ѝ рекол да прати порака на Илон Маск.

-Едно време ми викаше дека треба да пратам порака на Илон Маск за да ја најде по сателит, рече таа.

Во врска со прашањето дали ѝ е познато дека Александар испратил порака за откуп, одговори дека знае само за некои избришана порака која ја дознала од некој од родитечите.

-Знам дека испратил во групата на родители, не сум ја видела пораката, само што ми кажаа, пишал вратете го детето, ќе ви дадам пари, тече таа.

Во продолжението од денешното рочиште сведочат членови и симпатизери на политичката партијата „Десна“.

На првото одржано рочиште обвинетите Љупчо Палевски, Боре Видевски, Велибор Манев и Влатко Кешишов, како и таткото на девојчето, Александар Ѓорчевски се произнесоа дека не се чувствуваат за виновни.

Според обвинението, тие заедно испланирале грабнување на 14-годишното девојче со цел да присилат член на нејзиното потесно семејство да даде парични средства за откуп. Додека, грабнувањето на оштетениот Панче Жежовски во Велес било со намера да го присилат да им го даде сопственото возило „Цитроен“ за да го користат за грабнување на детето во Скопје.

Малолетната Вања и велешанецот Панче, кои беа пријавени за исчезнати на 27 и 24 ноември, беа пронајдени мртви во близина на Скопје и Велес на 3 декември 2023 година.

Во врска со овој случај е осомничено уште едно лице за помагање по извршување на кривичното дело против кого постапката ќе се води одвоено.
Судењето го води судијата Ивица Стефановски, а застапник на обвинението е обвинителката Жаклина Крстевска.

To top