Свет Евростат

Над 17 отсто од вработените Европејци работат со скратено работно време

Податоците покажуваат дека уделот на вработени жени со деца ангажирани со скратено работно време е поголем од оној на жените без деца во сите земји на ЕУ, освен во Данска, Финска, Летонија, Грција и Романија.

Над 17 отсто од вработените Европејци работат со скратено работно време

Вкупно 17,1 проценти од вработените во ЕУ на возраст од 20 до 64 години лани биле ангажирани со скратено работно време, што претставува мал пораст во однос на претходната година кога ваков статус имале 16,9 отсто од европските работници.

Според податоците на Европската статистичка агенција – Евростат, во претходната деценија уделот на ангажираните лица со скратено работно време бележеше постојано намалување од 19,1 во 2014 и 2015 година до 16,9 проценти во 2022 година, за лани првпат да има пораст на оваа стапка.

Гледано по полови, во 2023 година уделот на ангажираните со скратено работно време кај вработените мажите изнесувал осум отсто, а кај жените 27,9 проценти. Додека кај мажите во целиот период изминатава деценија таа стапка се движела околу осум отсто, кај жените бележи намалување од 31,8 во 2014 на 27,9 проценти лани.

Меѓу вработените кои имале деца, со скратено работно време биле ангажирани 31,8 проценти од жените и само пет отсто од мажите. Кај вработените без деца, пак, стапката на жени вработени со скратено работно време била 20 проценти, а на мажи 7,3 отсто.

Податоците покажуваат дека уделот на вработени жени со деца ангажирани со скратено работно време е поголем од оној на жените без деца во сите земји на ЕУ, освен во Данска, Финска, Летонија, Грција и Романија.

Романија е и единствената земја од ЕУ каде што уделот на мажи со и без деца кои работат со скратено работно време е поголем од уделот на жени ангажирани на овој начин – 2,9 отсто мажи со деца и 3,5 отсто без деца, наспроти 2,4 проценти од жените со и 2,7 отсто од жените без деца. (МИА)

Најнови вести од Свет

To top