Претседателката Гордана Сиљановска Давкова денеска присуствуваше и се обрати на седницата на собраниската Комисија за европски прашања на која беше презентирана Реформската агенда на Владата (2024-2027), којашто се однесува на Планот за раст на Европската Комисија.
Во своето обраќање, Претседателката порача дека е неопходна поголема соработка помеѓу Министерството за европски прашања и Комисијата за европски прашања и Националниот совет за евроинтеграции и дека Комисијата треба да се отвори и да ја зајакне соработката со сите инволвирани во процесот на евроинтеграциите, вклучувајќи го невладиниот сектор, експертската јавност и претставници од ЕУ.
Претседателката нагласи дека македонската реформска агенда е најдобро оценета од Комисијата, што претставува добар влог и дека се доближуваме до европските критериуми, а со тоа и до влезот во ЕУ.
„Мислам дека вреди да се биде оптимист. Зошто вреди да се биде биде оптимист? Вие знаете колкупати јас сум ја критикувала Европската Унија дека немала, после Солун, вистинска стратегија за Западен Балкан, дека доцнела, дека не преземала одговорност. Ова е мислам еден исчекор. Значи имаме агенда. Агендата, односно нејзиното спроведување, велиме дека не е невозможно, разбрани сме, нè поддржуваат“, нагласи претседателката Сиљановска Давкова, изразувајќи увереност дека Планот за раст и реформската агенда ќе можеме да ги направиме реалност, што особено позитивно ќе влијае на довербата кај граѓаните.
Претседателката порача дека Планот за раст е за поздравување бидејќи претставува своевидно содружништво, односно партнерство помеѓу Европската Унија и Западниот Балкан, учење во од, со финансиска помош, со советување и со оценување, каде резултатите ќе бидат заеднички, но и одговорноста споделена.
Во тој контекст таа посочи дека ова е можност да бидеме дел и од заедничкиот европски пазар. Во контекст на финансирањето, Претседателката потенцираше дека тоа мотивира, но домаќински е да не биде авансно, туку врзано со постигнатите резултати.
Во таа насока таа ја истакна улогата на Министерството за финансии и Државниот завод за ревизија, важноста на постоењето на интегриран систем на мониторинг, односно контрола врз трошењето на финансиските средства и ревизија врз внатрешниот систем на контрола.
Осврнувајќи се на роковите, Претседателката посочи дека роковите се строги, но дека тоа значи дека ЕУ верува во нашата способност. Според неа е логично до Нова Година да се донесат двата закони, за буџети и Закон за јавна контрола врз внатрешната контрола, што е услов за ослободување на средствата за претфинасирањето.
Говорејќи за начинот на плаќање 1/3 грант и 2/3 кредит, Претседателката посочи дека ова е секогаш најважно за опозицијата и во овој контекст ги охрабри да критикуваат.
Во обраќањето таа истакна и дека мора да се стави крај на злоупотребата на европското знаменце и ја нагласи хармонизацијата со директивите и регулативите на ЕУ.