Македонија

Уставниот суд не поведе постапка за членот 3 од законските измени на Законот за патните исправи

Уставниот суд на денешната седница не поведе постапка за оценување на уставноста на членот 3 од Законот за изменување и дополнување на Законот за патните исправи на државјаните на Република Северна Македонија и ја отфрли иницијативата за оценување на меѓусебната согласност на одредбата означена во точката 2 од овој предлог со член 7 од Универзалната декларација за чевековите права, Повелбата на ООН, член 14 од Европската конвенција за човековите права и слободи и член 26 од Меѓународниот пакт за граѓански и политички слободи.

Уставниот суд не поведе постапка за членот 3 од законските измени на Законот за патните исправи

Уставниот суд на денешната седница не поведе постапка за оценување на уставноста на членот 3 од Законот за изменување и дополнување на Законот за патните исправи на државјаните на Република Северна Македонија и ја отфрли иницијативата за оценување на меѓусебната согласност на одредбата означена во точката 2 од овој предлог со член 7 од Универзалната декларација за чевековите права, Повелбата на ООН, член 14 од Европската конвенција за човековите права и слободи и член 26 од Меѓународниот пакт за граѓански и политички слободи.

Уставниот суд ценеше дали оспорениот член 3 од Законот за измени и дополнувања на Законот за патните исправи на државјаните на Република Северна Македонија е спротивен на Уставот. Овој член предвидува „патните исправи кои го содржат натписот Република Македонија издадени во денот на започнување на примената на овој закон ќе важат до истекот на рокот на важење кој е наведен во патната исправа, најдоцна до 12.02.2024 година“

Согласно оваа одредба, како што соопштија од Уставниот суд, надлежните органи требаше да обезбедат, а граѓаните да побараат, доколку сакаат нивните патни исправи да бидат заменети со нови, вклучително и оние исправи кои кога биле издадени имале и подолг рок на важење од овој предвиден во членот 3, а тоа е 12.02.2024 година.

Следствено на ова доколку граѓаните не побарале и не ги замениле патните исправи со нови, нивните патни исправи со старото име на државата (Република Македонија) на 12.02.2024 престанаа да важат. Меѓутоа граѓаните имаат законско право да побараат и да добијат нови патни исправи и по овој датум.

Судот оценил дека членот 3 со кој се наметнува обврската за промена на патните исправи со ново име на државата(Република Северна Македонија) не е во спротивност со Уставот. Впрочем, оваа одредба е во согласност со членот 3 од Уставниот закон за спроведување на Амандманите XXXIII до XXXVI во кој е предвидено дека постоечките официјални документи и материјалите на јавната администрација за меѓународна употреба и документите за внатрешна употреба кои можат да се користат надвор од државата ќе се усогласат со Амандманот XXXIII најдоцна во рок од 5 години од неговото влегување во сила. Членот 2 став 1 од Уставниот закон за спроведување на Амандманите XXXIII до XXXVI на Уставот на Република Македонија каде е предвидено дека одредбите од Амандманот XXXIII во прописите и другите акти на државните органи се применуваат од влегување во сила на овој Закон.

Во членот 6 од истиот Закон стои дека Уставниот закон за спроведување на Амандманите на Уставот на Република Македонија го прогласува Собранието и влегува во сила со денот на влегување во сила на уставните амандмани а тоа е 12.02.2019 година.

Ценејќи ги сите наведени околности и факти, Судот утврдил дека се неосновани наводите во иницијативата дека овој член е неуставен, бидејќи со носењето на овој Закон всушност се врши усогласување со Амандманот XXXIII од Уставот од аспект на рокот на замена на постојните патни исправи кои го содржат натписот „Република Македонија”, со патни исправи со новото уставно име на државата.

Ова , како што велат од Судот, е предвидено со цел да се запази рокот наведен во членот 3 од Уставниот закон за спроведување на Амандманите од XXXIII до XXXVI на Уставот, односно 5 години откако уставните промени стапиле во сила.

Дополнително, Амандманите на Уставот претставуваат имплементација на ратификуван меѓународен договор (во конкретниот случај т.н. Преспански договор) кој е составен дел од внатрешниот поредок и согласно со членот 118 од Уставот не може да се менува со закон.

Имајќи предвид дека Конечната спогодба (т.н.Преспанскиот договор) влегува во сила на 12 февруари 2019 година и дека Амандманите XXXIII до XXXVI и Уставниот закон за спроведување на овие амандмани влегуваат, исто така, на ден 12 февруари 2019 година, произлегува дека рокот од 5 години за усогласување на документите и материјалите истекува на 12 февруари 2024 година. Токму овој рок е наведен и во членот 3 кој е оспорен во иницијативата.

-Кога станува збор за начинот на кој е спроведена замената на старите со нови патни исправи, Уставниот суд нема надлежност да одлучува, велат од Судот.

Оттаму посочуваат дека временскиот период во кој граѓаните можеле да ги заменат своите постојни патни исправи за да имаат валидни исправи е периодот од 01 јули 2021 година кога е издадена првата патна исправа со новото име на државата до 12 февруари 2024 година, што значи дека граѓаните имале две години и седум месеци за менување на своите патни исправи.

-Уставниот суд не може да цени дали граѓаните биле доволно информирани и во какви услови се одвивал тој процес на барање за нови патни исправи. Исто така прашањето за датумот на постојните патни исправи и евентуално поместување и одредување на нов датум не е во надлежност на Судот, посочуваат од Уставен.

Согласно правната анализа и фактите кои се изнесени во рамки на водењето на постапката, произлегува дека Собранието постапило согласно уставните овластувања, Уставниот закон и преземената меѓународна обврска.

Во однос на ограничувањето на слободата на движењето, Судот цени дека барањето за поседување на патни исправи за патување не значи и ограничување на слободата на движењето. Доколку на некој граѓанин му било оневозможено поради немање на валидна патна исправа да ја напушти земјата или да го оствари своето право на работа во странство по 12.02.2024 година, за ова има можност да води постапка пред редовните судови, бидејќи таква постапка не е во надлежност на Уставниот суд.

Со оспорениот член 3, исто така, Судот цени дека не се доведуваат во нееднаква положба граѓаните на нашата држава, за сите граѓани постои иста обврска патните исправи да се променат до одреден датум согласно со Меѓународниот договор ратификуван од Собранието и имплементиран во Уставот со Амандманите XXXIII до XXXVI.

За наводите од иницијативата за постапување спротивно на член 11 став 1 и 2 од Уставот, Уставниот суд оценил дека во практичната примена на оспорениот член 3 постоеле потешкотии за дел од граѓаните како што се гужви, чекање редови, неповолни временски прилики итн, тоа се околности и состојби кои се јавиле поради несоодветна имплементација која била отежната и со Ковид кризата и поради фактот што несоодветно е искористен рокот од две години и седум месеци за замена на патните исправи. Судот цени дека ваквите околности и непријатни состојби за граѓаните, можат да бидат предмет на други облици на заштита и одговорност пред други надлежни органи, но не и пред Уставниот суд.

Во делот на иницијативата со кој се бара преиспитување на оспорените одредби како спротивни на членот 7 од Декларацијата за човекови права, Повелбата на ООН, членот 14 од Европската конвенција за човековите права и слободи, Уставниот суд ја отфрла иницијативата бидејќи нема надлежност да оценува меѓусебна согласност на закон со закон или пак на закон со меѓународен акт.

-Судијата-известител на овој предмет при своето излагање на денешната седница напомена дека рефератот за предметот од советникот го добил на 11.04.2024 година, период во кој се прибирани мислењата од Собранието и МВР и е направена анализата, а го предал предметот како завршен на 27.05.2024. Следниот ден на 28.05.2024 година е одржана последната седница од мандатот на тогашната претседателка Добрила Кацарска, чијшто дневен ред е веќе закажан една недела претходно. Следните денови почна постапката за избор на нов претседател на Уставниот суд. По започнувањето на мандатот на претседателот д-р Дарко Костадиновски, динамиката на подготовка на дневните редови за седниците е утврдена согласно бројот на предмети кои се доставуваат тековно или веќе биле доставени, по чијшто редослед е утврдена и денешната седница, информираат од Судот.

To top