Германскиот претседател Франк-Валтер Штајнмаер денеска изјави дека е подготвен да распише нови избори по распадот на коалицијата на канцеларот Олаф Шолц, предупредувајќи ги сите партии да се однесуваат одговорно.
-Крај на една коалиција не е крај на светот. Тоа е политичка криза која треба да ја надминеме, рече Штајнмаер.
Шолц соопшти дека ќе побара гласање за доверба во парламентот откако заминувањето на министерот за финансии Кристијан Линднер од редовите на Слободните демократи ја остави неговата влада без парламентарно мнозинство.
Штајнмаер има моќ да го распушти парламентот и да распише нови избори само откако владата ќе изгуби на гласањето за доверба. Тој додаде дека на Германија и треба стабилно мнозинство и способна влада.
-Нашата демократија е силна. Но, сега не е време за тактики и измами, туку за разум и одговорност, нагласи германскиот претседател. (МИА)