Идната прва дама на САД Меланија Трамп по победата на нејзиниот сопруг Доналд на претседателските избори во САД изјави дека мнозинството Американци им ја довериле „оваа важна одговорност“.
„Ќе го заштитиме срцето на нашата република, слободата. Очекувам дека граѓаните на нашата земја повторно ќе се посветат еден на друг и ќе се издигнат над идеологијата заради индивидуалната слобода, економскиот просперитет и безбедноста“, напиша Меланија Трамп на фејсбук.
Таа додаде дека верува дека „американската енергија, вештина и иницијатива ќе ги спојат најдобрите умови“ за да ја унапредат американската нација.
Републиканецот Доналд Трамп ја победи кандидатката на Демократската партија Камала Харис на претседателските избори во САД во вторникот, откако ги освои потребните 270 електорски гласови.
Според најновите проекции на АП, Трамп освоил 295 електорски гласови, а Камала Харис 226 електорски гласови.