Денеска е последниот ден од претседателските кампањи на двајцата кандидати за претседателските избори во САД, кој и двајцата ќе го искористат за одржување неколку собири на места што ги сметаат за клучни за победата на изборите во вторник.
Американските гласачи сè уште се поделени во изборот меѓу републиканецот Доналд Трамп и демократката Камала Харис, а анкетите покажуваат неизвесна трка, особено во седум клучни сојузни држави за кои се очекува дека ќе го одредат победникот.
Трамп, 78-годишен републиканец, милијардер и поранешен претседател, за време на кампањата преживеа два обиди за атентат, само неколку недели откако поротата во Њујорк го прогласи за виновен за фалсификување документи, со што стана првиот поранешен американски претседател осуден за кривично дело.
Харис неочекувано стана кандидатка на својата партија во јули, добивајќи можност да стане првата жена претседател на САД, откако актуелниот претседател Џо Бајден се повлече од трката по лош настап на дебата и притисокот од партијата да се откаже.
Анкетите покажуваат дека двајцата кандидати се изедначени на национално ниво, но и во променливите сојузни држави, таканаречени колебливи држави (swing states).
Повеќе од 77 милиони Американци веќе го дадоа својот глас, но изборниот ден ќе покаже чија кампања била поуспешна во мотивирањето на гласачите да излезат на гласање.
Кога ќе знаеме го дознаеме победникот?
Гласачките места се затвораат во вторник навечер, но можно е да не се знае кој е победникот – Доналд Трамп или Камала Харис – со денови по изборите, доколку трката биде тесна.
Националните анкети и анкетите во клучните држави стануваат сè понеизвесни како што се приближува утрешниот ден, па разликите во победите би можеле да бидат многу мали во неколку држави, што би можело да доведе до повторно броење на гласовите, напоменува Би-би-си.
Исто така, можно е некои резултати оваа година да стигнат побавно поради промените во начинот на кој поединечни држави – вклучувајќи ги сите седум клучни држави кои на крајот ќе ја одредат трката – управуваа со изборите од 2020 година.
Од друга страна, на некои места, како во Мичиген, броењето на гласовите е забрзано, а значително помалку гласови ќе бидат испратени по пошта отколку на претходните избори, кои се одржаа за време на пандемијата.
Во 2020 година, изборите се одржаа во вторник, 3 ноември, но американските ТВ мрежи не го прогласија Џо Бајден за победник сè до доцното утро во сабота, 7 ноември.
Новoизбраниот претседател ќе биде инаугуриран во понеделник, 20 јануари 2025 година, во комплексот на Капитол – на 60-та претседателска инаугурација во историјата на САД.
Ова се државите кои одлучуваат и оние кои би можеле да изненадат
Се смета дека постојат седум сојузни држави кои теоретски може да ги освои кој било кандидат. Поради тоа, кампањите на потпретседателката Камала Харис и поранешниот претседател Доналд Трамп се насочени токму кон тие области, пишува Си-ен-ен.
Тие држави може да се поделат во две општи категории:
Три колебливи држави на Средниот Запад, таканаречениот „син ѕид“ – тоа се држави со силна индустрија и моќни работнички синдикати: Пенсилванија, Мичиген и Висконсин. Некогаш беа сигурно демократски, но се менуваа со промената на демографијата, а Трамп привлече бели гласачи без факултетско образование.
Кога Трамп ја освои Белата куќа во 2016 година, ги освои сите три. Кога Џо Бајден победи во 2020 година, исто така ги освои сите три. Ако Харис ги освои сите три оваа година, веројатно ќе има доволно електорски гласови за победа. Сепак, анкетите покажуваат тесни трки во нив. Клучен ќе биде одѕивот на гласачите, што за Харис значи привлекување поддршка од жени од предградијата и црни гласачи.
Државите од „Синиот ѕид“ обично гласаат исто. Последен пат кога не гласаа сите за ист кандидат беше 1988 година – интересно е што Калифорнија тогаш беше црвена, а Западна Вирџинија беше сина. На осумте избори од 1988 година, единствениот пат кога државите на синиот ѕид гласаа за републиканци беше во 2016 година, кога Трамп извојува победа.
Четири клучни држави од „Сончевиот појас“ – Овие држави со растечко население ги вклучуваат Аризона и Невада на запад и Северна Каролина и Џорџија на исток. Аризона, Џорџија и Северна Каролина некогаш беа сигурни за републиканците. Трамп двапати ја освои Северна Каролина, но разликата беше тесна во 2020 година. Последниот демократ кој победи таму беше Барак Обама во 2008 година. Бајден беше првиот демократ кој ја освои Џорџија по Бил Клинтон во 1992 година и Аризона по Клинтон во 1996 година.
Еден глас во Небраска е пресвртна точка – 48 држави ги доделуваат сите свои електорски гласови на победникот. Небраска и Мејн го прават тоа поинаку, распределувајќи ги гласовите по конгресната област. Небраска е безбедна област за Трамп, но конгресната област околу Омаха е колеблива. Тој еден глас може да биде клучен во тесна трка за Изборниот колеџ.
Во Мејн, друга држава која не ги доделува сите свои електори на победник низ државата, ситуацијата е обратна. Трамп таму би можел да освои еден изборен глас.
Професорот кој точно ги предвиде сите американски избори од 1984 година
Американскиот професор Алан Лихтман предава историја на Универзитетот во Вашингтон веќе скоро 50 години. Но, стана национално познат по нешто друго – неговиот изборен модел наречен „Клучеви за Белата куќа“, со кој точно ги предвидел резултатите на сите претседателски избори од 1984 година.
Во видеорепортажата за овој историчар, „Њујорк тајмс“ го нарекува „Нострадамус на претседателските избори“. Својата репутација ја потврди и во 2016 година кога, и покрај фактот што речиси сите анкети ја предвидуваа победата на Хилари Клинтон, тој точно предвиде дека победникот ќе биде Доналд Трамп. Самиот Трамп му испрати честитка по победата за точната прогноза.
Оваа година предвидува дека потпретседателката Камала Харис ќе победи. – Зошто сум сигурен дека Харис ќе победи? Затоа што е тесно само според анкетите, а мојот систем ги игнорира анкетите, изјави Лихтман за Си-ен-ен.
Тој додаде дека анкетите често се само „моментални слики“ со големи маргини на грешка: „Луѓето не одговараат на анкетарите, лажат, го менуваат мислењето и анкетарите мора да погодуваат кои се веројатните гласачи.“
Иако е убеден во својата прогноза, Лихтман рече дека е нервозен – делумно поради многу вознемирувања и омраза што ги доживеал тој и неговото семејство, а делумно затоа што, како што вели, демократијата навистина е на коцка.
– Демократијата е драгоцена. Но, како и сите драгоцени работи, може да биде уништена, рече тој. – Никогаш немавме кандидат што го попречувал мирното предавање на власта, поттикнал насилен државен удар и сега одбива да ги прифати резултатите од чесни избори. Не ми е толку важно дали сум во право или не, туку за иднината на нашата земја, која е во сериозна опасност, рече тој.