Свет

За Иран присуството на САД на Блискиот Исток е дестабилизирачко

-Зајакнувањето на (американското) присуство ќе создаде поголема тензија и сигурно нема да влијае на нашата решеност да се браниме, рече Багаи, одговарајќи на прашање за пристигнувањето на американските бомбардери.

За Иран присуството на САД на Блискиот Исток е дестабилизирачко

Иранското Министерство за надворешни работи денеска го осуди „дестабилизирачкото присуство“ на САД на Блискиот Исток, бидејќи Вашингтон најави распоредување на стратешки бомбардери Б-52 во регионот за да го брани Израел, заколнатиот ирански непријател.

-Отсекогаш верувавме дека американското присуство во регионот е дестабилизирачко, рече на прес-конференција портпаролот на иранското МНР, Есмаил Багаи.

Минатата недела Пентагон соопшти за доаѓање на американски бомбардери Б-52 и други сили на Блискиот Исток за „одбрана на Израел“, близок сојузник на САД, со што Иран беше  предупреден да не презема дополнителни чекори.

-Зајакнувањето на (американското) присуство ќе создаде поголема тензија и сигурно нема да влијае на нашата решеност да се браниме, рече Багаи, одговарајќи на прашање за пристигнувањето на американските бомбардери.

На 26 октомври, израелски авиони нападнаа воени објекти во Иран како одмазда за иранското лансирање ракета врз Израел на 1 октомври.

Иран објави „ограничена штета“ и додаде дека загинале четворица војници и еден цивил.

Техеран го претстави својот напад како одговор на убиството на водачите на исламистичките движења Хезболах во Либан и Хамас на палестинската територија на Појасот Газа. (МИА)

Најнови вести од Свет

To top