Фудбал

УЕФА вложува една милијарда евра во развој на женскиот фудбал

УЕФА вложува една милијарда евра во развој на женскиот фудбал

УЕФА ќе издвои една милијарда евра од натпреварувачките приходи и инвестиции во следните шест години кои ќе бидат наменети за развој на женскиот фудбал, соопшти денеска европското фудбалско тело.

Најавата е дел од новата стратегија на УЕФА за развој на женскиот фудбал, со финансиска помош за клубовите, националните тимови, сениорските и младинските натпреварувања, со цел до 2030 година во Европа да има регистрирано 5.000 професионални фудбалерки и шест професионални национални лиги.

„Европскиот женски фудбал никогаш не бил на подобро место“, изјави извршната директорка на УЕФА за женски фудбал Надин Кеслер.

„Фудбалот стана спорт за сите, привлекувајќи постојано растечка и разновидна база на навивачи и партнери кои од срце придонесуваат за неговиот раст“, додаде таа.

Претседателот на УЕФА Александар Чеферин изјави дека новата шестгодишна стратегија наречена „Незапирливо (Unstoppable)“ ќе ги постави темелите за реализација на целосниот потенцијал на женскиот фудбал.

„Нашата посветеност на целта останува силна како и секогаш. Нашата мисија е едноставна – да му помогнеме на женскиот фудбал да добие истакнато место во европската спортска заедница“, рече Чеферин.

To top