Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху соопшти дека вчерашниот воздушен напад врз воените објекти во Иран ги постигнал сите цели.
„Нападот беше прецизен и моќен и ги постигна сите негови цели“, рече Нетанјаху денеска на церемонијата по повод првата годишнина според еврејскиот календар од нападот на палестинското исламистичко движење Хамас во јужен Израел на 7 октомври 2023 година.
„Иран го нападна Израел со стотици балистички ракети и нападот не успеа“, рече тој, мислејќи на иранскиот ракетен напад на 1 октомври, кога повеќето од истреланите проектили беа пресретнати од израелската противвоздушна одбрана.
„Потоа ветивме моќен одговор и вчера во зори го одржавме ветувањето. Воздухопловните сили го нападнаа Иран и ги погодија иранските одбранбени капацитети и капацитети за производство на ракети насочени кон нас“, додаде Нетанјаху.