Свет Опозицијата не признава пораз

„Грузиски сон“ победи на парламентарните избори во Грузија

Брисел предупреди дека шансите на Грузија за приклучување кон ЕУ ќе зависат од овие избори. Грузија во својот Устав напиша дека сака да влезе во ЕУ.

„Грузиски сон“ победи на парламентарните избори во Грузија

Претседателот на грузиската Централна изборна комисија, Гиорги Каландаршвили, соопшти денеска дека владејачката партија во таа земја „Грузиски сон“ освоила 54,08 отсто од гласачите на парламентарните избори, наспроти 37,58 отсто за проевропската коалиција, врз основа на преброените 99 отсто од избирачките единици.

Според него, обработени се податоци од 3.100 избирачки места од вкупно 3.111.

„Останатите неколку избирачки места се наоѓаат во странство, а информациите ќе се ажурираат за податоците да бидат подостапни“, рече Каландаришвили.

Во текот на ноќта опозицијата одби да го признае поразот. Таа смета дека ваквите резултати ќе ја оддалечат земјата од влезот во Европската унија (ЕУ) и ќе ја доближат до Русија.

„Не ги признаваме лажните резултати од украдените избори“, изјави синоќа за новинарите Тина Бакучева, шеф на Обединетото национално движење, една од четирите партии во опозициската коалиција.

Опозицијата обвинува дека „Грузиски сон“, кој е на власт од 2012 година, е авторитарна и проруска партија и дека ја оддалечува земјата од ЕУ и НАТО, во кои „има аспирации да се приклучи“.

Извршниот секретар на „Грузиски сон“, Мамука Мдинарадзе синоќа изјави дека резултатите што ги објави Централната изборна комисија покажале дека партијата обезбедила „цврсто мнозинство“ во новиот парламент.

Владата пред изборите изјави дека сака да обезбеди три четвртини од местата во парламентот, кои се неопходни за измена на Уставот, а со тоа, како што планира, да ги забрани прозападните опозициски партии, пренесуваат агенциите.

Брисел предупреди дека шансите на Грузија за приклучување кон ЕУ ќе зависат од овие избори. Грузија во својот Устав напиша дека сака да влезе во ЕУ.

Првиот странски политичар кој реагираше синоќа, унгарскиот премиер Виктор Орбан, единствениот лидер на ЕУ кој останува близок до Москва, ја поздрави „убедливата“ победа на владејачката партија.

Претседателот на соседен Азербејџан, Илхам Алиев, му честиташе на поранешниот премиер Ираклија Кобахидзе за победата на неговата партија.

Изборите, кои беа надгледувани од меѓународни набљудувачи, беа обележани со неколку инциденти, емитувани на интернет, како тепачка на избирачко место во Тбилиси или тепачки во опозициското Обединето национално движење.  (МИА)

Најнови вести од Свет

To top