Република Куманово

Од понеделник ќе се отстрануваат хаварисаните возила од јавните површини

Списокот е доставен до СВР Куманово и се врши проверка на сопственоста.

Од понеделник ќе се отстрануваат хаварисаните возила од јавните површини

Акцијата ќе трае еден месец со цел да се ослободат паркинг местата и јавните прометни површини во градот.

Одлука за една вакво организирано расчистување на улиците и тротоарите е усвоена на состанок на Локалниот совет за превенција (ЛСП), минатиот месец.

„Одлучивме при решавање на проблемот со отстранување на хаварисани автомобили да се започне со давање на бесплатна услуга на нашите согрaѓани- сопственици на хаварисани автомобили. Во наредните 30 дена, поточно до 28 ноември сите заинтересирани можат да се јават, а вработените на ЈП „Куманово паркинг“ ќе го однесат автомобилот до лиценциран отпад“, истакна Ивана Ѓорѓиевска, претседателка на Советот на Општина Куманово.

Сопственикот на автомобилот треба да биде присутен на проценката и ќе добие надоместок, секако во зависност од тежината на автомобилот. По истекот на периодот од 30 дена, службите ќе пристапат кон целосно и неселективно отстранување на хаварисаните возила, со цел ослободување на паркинг простор во општината. Најпрвин ќе се расчистува централното градско подрачје, а подоцна периметарот ќе се прошири и отстранување на возилата ќе се врши и во населбите.

Според првичните информации со кои располага работната група, добиени од комунални инспектори, само во централното градско подрачје има околу 70- тина хаварисани автомобили кои долг временски период зафаќаат паркинг простор или се на јавна површина. Списокот е доставен до СВР Куманово и се врши проверка на сопственоста.

Сите заинтересирани можат да се јават на телефонскиот број 075/221 372, секој работен ден од 8 до 16 часот.

To top