Во едно несекојдневно писмо до македонско-американската заедница потпретседателката Камала Харис, која е и кандидат за претседател на демократите, искажа редица пофални зборови за Македонците во САД, нагласувајќи ја нивната улога во американската демократија. Во обраќањето до Македонците во САД Харис го споменува бранот на македонските имиганти на крајот од 19. век, ја нагласува историската важност на Илинденското востание.
Таа вели дека посветеноста на македонските Американци „во граѓанскиот сектор е инспирирачка и клучна за здравјето на нашата демократија. Ги славиме не само извонредните достигнувања на Македонците, туку и богатото наследство што вие продолжувате да го градите“.
Ова писмо е одговор на прашалникот што неодамна Обединета македонска дијаспора (ОМД) го испрати до кампањите на поранешниот претседател на САД Доналд Трамп и до актуелната потпретседателка на САД Камала Харис, во кои се наведени прироритетите за македонско-американската заедница. Камала Харис им испрати писмо на Македонците во САД, додека од Доналд Трамп ОМД сѐ уште нема одговор.
Интегралното писмо на Камала Харис со македонските Американци:
„До македонско-американската заедница:
Со изминување на септември, месец посветен на македонско-американското наследство, сакаме да го искористиме овој момент за да оддадеме почит за огромните влијание и богата култура што македонско-американската заедница ѝ ги донесе на нашата нација. Минатиот месец беше особено значаен, бидејќи се одбележа независноста на тогашната Република Македонија од Југославија на 8 септември 1991 година – извонредно достигнување што ја отелотворува издржливоста и трајниот стремеж како единствена земја која ги достигна својата независност и слобода по мирен пат.
Повеќе од еден век, македонските имигранти бараат заштита и можности во САД, водени од клучните историски настани како што се Илинденското востание, Балканските војни и глобалните конфликти во 20 век. Од 1880-те, десетици илјади Македонци најдоа нов дом овде, придонесувајќи за богатата разноликост на нашата нација. Денес, околу 500.000 поединци со македонско потекло прогресираат и придонесуваат во заедниците низ нашата држава.
Силното присуство на Македонци во држави како Мичиген, Њу Џерси, Њујорк, Охајо, Индијана, Илиноис, Флорида, Пенсилванија и Калифорнија, говори доволно за трајниот придонес. Македонските Американци се истакнаа во различни области – независно дали се работи за бизнис, технологија, уметност или медицина. Претприемачите ја зајакнаа нашата економија, спортистите донесоа дома олимписки медали, а уметниците го збогатија нашиот културен пејзаж, истакнувајќи ги неверојатните таленти што произлегуваат од оваа заедница.
Покрај придонесите кон економијата и културата, македонските Американци активно се вклучуваат во нашата демократија. Многумина служат во законодавните тела и граѓански организации, рефлектирајќи ги принципите на слобода и заедница што ја прават нашата држава посилна. Нивната посветеност во граѓанскиот сектор е инспирирачка и клучна за здравјето на нашата демократија.
Ги славиме не само извонредните достигнувања на Македонците, туку и богатото наследство што вие продолжувате да го градите. Ајде да се здружиме за да го признаеме длабокото влијание на македонските Американци во обликувањето на разновидниот дух на САД. Вашите придонеси ја подобруваат силата и карактерот на нашата нација и со нетрпение очекуваме да го продолжиме овој пат заедно.
Срдечен поздрав,
Потпретседателка Камала Харис“.