Поради зголемен прилив на поднесувања на ДДВ-04 пријавите, некои даночни обврзници имаат потешкотии при поднесувањето на пријавите, информира денеска Управата за јавни приходи (УЈП) и посочува дека нејзини тимови активно го следат функционирањето на системот.
УЈП потсетува дека со навремено поднесување на пријавите ќе се спречат вакви ситуации.
-Постојано апелираме до даночните обврзници и сметководителите да не го чекаат последниот момент за поднесување и кооперативно да придонесат за навремено, целосно и точно исполнување на даночните обврски со цел, како што потенцираат, да се спречат вакви ситуации кога има масовно поднесување во последните денови пред истекот на законскиот рок и е потребно повеќе време за обработка во системот на УЈП, наведува УЈП.
Крајниот рок за поднесување на ДДВ-04 пријавата е утре, 25-ти октомври 2024 година. Системите на УЈП за сите кои имаат обврска за поднесување на ДДВ – 04 пријави работеа и вчера иако беше неработен ден.
До 21 октомври, како што соопшти УЈП поднесени биле само 11.113 од очекуваните 40.975 ДДВ пријави, што претставува само 27,12 проценти од вкупниот број. (МИА)