Немир завладеа кај македонските граѓани кои изминатиов период ја посетиле скопската Зоолошка градина, по информациите дека е детектиран птичји грип.
Од 15-те вработени во скопската Зоолошка градина за кои веќе е завршена епидемиолошката анкета од страна на епидемиолози од Центарот за јавно здравје (ЦЈЗ) и Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) за четворица денеска ќе бидат издадени решенија за здравствен надзор, а кај еден од нив, кој во петокот пројавил симптоми на покачена температура и дијареја ќе биде извршено тестирање за присуство на птичји грип. Поради појава на „птичји грип“ Зоолошката градина во Скопје е затворена трет ден, а вкупно нема да работи 21.
Инфлуенца A(H5N1) е еден од неколкуте вируси на грип кој предизвикува високо заразна респираторна болест кај птиците наречена авијарна инфлуенца (или „птичји грип“). Документирани се и инфекции кај цицачи, вклучително и кај луѓето.
Периодот на инкубација за инфекција со A(H5N1) се проценува дека е до седум дена, иако обично е два до пет дена по последната позната изложеност на болна или мртва живина. Сепак, периодот на инкубација може да трае и до 14 дена.
Инфекцијата со вирусот на грип A(H5N1) може да предизвика низа болести кај луѓето, од благи до тешки, а во некои случаи може да биде дури и смртоносна.
Иако стручните лица советуваат дека место за паника нема доколку не е остварен близок контакт со заболена птица, се чини дека во јавноста се јавија низа недоумици.
КУРИР побара детални одговори од Одделот за епидемиологија на заразни заболувања при Институтот за јавно здравје.
-Веднаш побарајте медицинска помош ако имате симптоми слични на грип како треска, кашлица и тешкотии при дишење или конјунктивитис или други необјаснети симптоми. Информирајте го вашиот лекар за каква било изложеност на болни или мртви животни. Дополнително, преземете заштитни мерки – носете маска и ограничете контакт со други луѓе; покривање на устата и носот при кашлање или кивање, правилно фрлање на марамчињата; редовно проветрување на просторот во кој се наоѓате; избегнувајте да ги допирате очите, носот или устата и редовно мијте ги рацете со сапун и вода, наведоа во препораките.
Пријавените симптоми на инфекција со A(H5N1) кај луѓето примарно се респираторни, но забележани се и конјунктивитис и други нереспираторни симптоми. Клиничкиот тек на хуманите случаи се карактеризира со почетна покачена температура со треска и кашлица, со брза прогресија кон долните дишни патишта. Симптомите на горниот респираторен тракт – течење на нос и болки во грлото можеби не се вообичаени кај сите пациенти, но болеста може да напредува до респираторна инсуфициенција, акутен респираторен дистрес синдром (ARDS) и повеќеорганска инсуфициенција.
Кои се клиничките знаци на болеста кај птиците?
Во блага форма, знаци на болест може да се изразени како накострешени пердуви, намалено производството на јајца или благи симптоми на респираторниот систем. Во тешка форма на болеста, вирусот влијае на респираторниот систем, но исто така предизвикува промени по повеќе органи и ткива што резултира со големи внатрешни крварења.
Некои или сите од следните клинички знаци се евидентни кај птици заразени со високо патоген вирус на АИ (вклучувајќи H5N1):
- тишина и екстремна депресија;
- ненадеен пад во производството на јајца, со несење на меки-јајца или јајца без лушпа;
- оток и конгестија на кикиритка и подбрадници кај живината;
- оток на кожата под очите;
- кашлање, кивање и нервни симптоми;
- дијареа;
- хеморагии на скочниот зглоб;
- состојба на појава на неколку смртни случаи во текот на неколку дена, која прогресира и стапката на смртност потоа се зголемува и може да биде и 100% во рок од 48 часа
Директорката на Институтот за јавно здравје Марија Андоновска вчера изјави дека здравствен надзор согласно протоколите не подразбира карантин и изолација, туку медицинско следење во текот на следните две недели дали вработените кои биле во контакт со птиците ќе пројават каков било симптом кој понатаму би требало да се испитува дали се работи за птичји грип.
-Тие секојдневно ќе бидат контактирани од епидемиолози од ИЈЗ и ќе се следи нивната здравствена состојба, изјави Андоновска.
-За да се пренесе птичји грип треба да има близок контакт со заболено или мртво животно или да има близок контакт со некој од секретите, измет или слично од овие заболени или мртви животни. Тоа значи дека ризикот е мал доколку посетителите немале близок контакт, потенцира Андоновска, која смета дека надлежните институции имале брза и навремена реакција согласно законските прописи и протоколи.
Лабораторијата на ИЈЗ е референтна и меѓународно акредитирана за дијагностика на инфлуенца или грип од хумано и анимално потекло и дека во моментов има тестови за птичји грип, но додава Андоновска дека не знае колкава ќе биде потребата и дали ќе треба да се набавуваат нови.
Агенцијата за храна и ветеринарство, пак, вчера соопшти дека ЗОО Скопје иако детектирало угинато животно 14 октомври, не постапила по законски процедури каде што се должни секој сомнеж на заразна болест задолжително да го пријават до надлежниот официјален ветеринар согласно Член 50 на (Закон за ветеринарно здравство бр.113/2007; бр.24/11; 136/11; 123/12;154/15 и 53/16), и прекршувајќи ги законските обврски, самостојно доставиле примерок до Факултетот за ветеринарна медицина кој е примен на обработка на 15 октомври. На 18 октомври, како што посочија од АХВ, добиен е наод со кој е потврден случај на присуство на вирусот на авијарна инфлуенца – птичји грип, сој H5N1 кај гуска.
-И покрај ваквата информација, повторно ЗОО Скопје не почитувајќи ги законските прописи не ја извести АХВ на законски пропишаниот начин, односно постапила спротивно на член 4 од Правилникот за мерки за сузбивање и искоренување на болеста авијарна инфлуенца бр 161/2016, односно секое присуство или сомнеж на авијарна инфлуенца се пријавува веднаш, односно во што е можно пократок рок до АХВ, се наведува во соопштението.