Началникот на единицата за насилен криминал при СВР Скопје, Дејан Димовски на денешното судско рочиште за двојното свирепо убиство на 14-годишната Вања Ѓорчевска и пензионерот Панче Жежовски посведочи дека токму Кешишов ги однел на местото каде што била закопана Вања.
Димовски сведочеше и за шокот кога ја пронашле Вања.
-Девојчето беше како живо. Рацете и беа врзани позади и нозете со стеги. И на устата имаше лента. Други знаци на насилство не видовме, рече началникот.
Началникот раскажуваше и за комуникацијата што ја имал со таткото на Вања.
-Ми се јави таткото Александар. Имало некое сомнително возило, и ми прати слики. Не знаев зошто му било сомнително, а ми рече и некое комбе има до него, видете го и него. Тоа беа слики од камера од козметички салон кои ние веќе ги имавме. Повторно правевме проверка, се бараше возилото на снимките. Тогаш видовме дека тоа е запалениот ,,цитроен” на Панче. А ја добивме и таблицата на пикапот, односно на ,,рено кангу”. Колегите излегоа и на терен, и возилото го најдовме пред седиштето на ,,Десна”, а претседател е Љупчо Палевски Палчо. Тогаш баравме наредба за претрес. Но не ја добивме брзо, дека станува збор за политичка партија, па да не се сфатело како притисок. Кога ја добивме, внатре имаше тројца. Кешишов ни рече кај сте до сега, ве чекавме. Рече ја виделе колата и знаеле. Прашавме кај е Палевски, а Кешишев рече дека е за Белград, имал здравствени проблеми. Адвокатот пак што беше на претрес рече пред два дена тој го однел во Србија. Ние тогаш трагаме по Панче, немавме поврзаност со Вања, но ни стоеше фактот дека возилото поминало кај зграда на Вања, велеше сведокот.
Обвинетиот Кешишов велел дека не знае ништо и дека ретко излегувал.
-Но се гледаше дека нешто крие. Велеше дека му готвви на Палчо, тука спиел. Го прашавме со кого се дружи, и сомнуваше и некој Вељо од Велес. Излезе дека е Велибор Манев и живее на иста улица со Панче. Тогаш побаравме да се најде и да се изврши претрес. Кога му отишле на претрес, тој паднал во несвест. Тогаш го донесоа во Скопје, објаснуваше сведокот.
-Постојано правевме разговори со Кешишов. Ноќта, му дадовме цигара, вода. Му велиме кажи што се случило. ,,Јас не сум човек. Јас сум, кажа лош израз штом сум учесник, не сум човек”. Се кршеше човекот. Уште не кажуваше, но зборуваше за некое место кај што одел со Палчо, во Бразда, сакал да гради нешто. Не однесе таму и му рековме кажи зошто дојдовме. Пак не носеше некаде, а колега ми кажа дека не носи на местото каде што е запален ,,цитроенот”. Му велевме да каже што понатака. Цело време му велел на колегата дека се плаши дека Палчо ќе го убие, имал многу луѓе во полиција. Тогаш ни рече ќе не носи кон ридот. Бараме нешто, некој леш, ама не знаев што бараме. По половина час, повторно му велевме да каже што и каде да бараме. Покажуваше со главата, не покажуваше со рака. Не зборува, пак покажува со главата. Покажуваше кон перници, мушама, ги тргнавме и видовме земја. Почнавме да копаме и осетивме дека е ровка земјата и дека пропаѓа. Кешишов не сакаше ниту да гледа, се сврте со грбот. Дојде колегата и ни кажа дека Кешишов му рекол дека тука е маленкото, девојчето Вања. Го викнавме да копа и тој со нас. Дојде зема стап и копаше. Потоа пак се помести. Кога дојдовме до телото шок, солзи ни дојдоа на очи. Ги известивме сите. Кешишев ни кажа дека со нив бил и Боре каратистот од Велес, по што се бараше приведување, рече началникот.
Тој додаде дека Кешишов рекол дека работеле по насоките на Палчо, се било во главата на Палевски.