Колумни

Се тресеше гората, се роди глушец!

Уживајте! Никој никого нема да дестабилизира. Паниката е само кога ќе почнат да фрчат кривични. Секој во животот знае што правел, и што од каде му е. Ќе си биде ко во народната: „Се тресеше гората, се роди глушец!“

Се тресеше гората, се роди глушец!

Навистина ми е забавно кога слушате доскорешни носители на високи јавни функции како се закануваат со дестабилизации, протести, улична правда, делење кон Европа по етнички клуч, дека некој немало да не чека, дека сакале во Европа…

Уште по одвратно е кога тоа го прават ликови од СДСМ. Имено, на одредени политички субјекти со етнички предзнак, општо позната е агендата, влажните соништа и филмовите кои ги имаат. Трагично е што политичкиот субјект кој себе си се карактеризира како државотворен, тоа да го прави. Но, со оглед дека ни сменија име два пати (прв пат со ФИРОМ, втор пат со Северна) што ни сменија знаме, Устав неколку пати, територијална поделба на државата исто така два пати, што друго од истите да се очекува!?

Уморен е народот. Уморен е од се‘! Најмногу од внатрешните предавства, на одродени ликови желни за власт, моќ, пари и привилегии. А до власта се стига со предавства и со турбо фолк национализам и шовинизам, но и со некој квази либерален филм, со квази космополитство …едноставно, со лажење! Следствено на тоа, и со крадење!

Новата Влада треба да работи турбо. Треба да не спие, да ги впрегне сите расположливи потенцијали на државата, сите луѓе со капацитет, и да почна да испорачува. Во одредени ресори промените се видливи, не дел од местата се каска. Не гледам ниту еден ресор каде се стагнира. Нова година ќе биде добар пресек, како стора попатна станица после првите 100 дена, следеното скалило ќе е јуни, на јубилејот една година влада. Ќе имаат нов буџет, но и доволно време да се види и знае на што сме, како нација. Контролен механизам на работењето ќе бидат локалните избори 2025.

Според мене, локалните избори и не мора да се унифицирани, одеднаш и секаде секогаш. Не за друго, туку затоа што локалната власт и централната се две различни приказни, и многу општини, како што и овој пат се случи, менуваат градоначалници во од, совети се менуваат советници, и тоа е нешто што во многу земји поминува нечујно, и е секаде раздвоено, а не топтан, сите одеднаш. Од друга страна, локалната власт, и таквите унифицирани избори се лакмус за централната. Проблемот е што кај нас немате повеќе од две години чисто владеење на една структура, па самата држава е во постојан грч и кампањи. Треба да се даде по слободен простор за работење и владеење, но да се појачаат, зајакнат и ослободат од стегите на политиката, сите форми на ревизии и инспекциски надзори, но и да се крене на повисоко ниво креирањето на собраниски анкетни комисии.

Да се навратиме на јунациве од опозицијата (а доскорешна власт) кои почнаа после 100 дена Влада храбро да излегуваат од глувчешките дупки, да солат памет и да се закануваат, силат и зборуваат за Европа.

Драги мои, Европа не не‘ сака! Барем не вакви килави, неспособни и корумпирани. Не не‘ сака со 36 згради дивоградби во Чаир. Не не‘ сака со коли на тротоар и во трева. Не не‘ сака со 20 години стари коли. Не не‘ сака со ваква загадување. Не не‘ сака со ваква бучава. Не не‘ со вакво ниво на корупција. Не не‘ сака, на крајот а краиштата, како православци и муслимани!

И одговара да бидеме тампон зона за бегалци. Италијаните им изградија кампови на Албанија, нам ќе ни изгради некој друг, и се она што е наталожено во Грција, па и другите држави ќе ни го прелеат нам. Од кај нас ќе си приберат убаво, младо, едуцирано население, а ќе го испорачаат шлајмот од цел свет. И така се жалиме дека немаме обични работници. Прошетајте по градилиштата во центарот на Скопје или дел од угостителските објекти во Охрид и ќе видите ќе денес работи.

Во Европа може да одиме и да се интегрираме само како функционално општество, како држава во која има ред и поредок. Систем во кој за бучава од било кој тип има казна. За ѓубре има казна. За злоупотреба на службена должност има казна. За повикување на етничка, расна и верска трпеливост има казна. И затворска и парична. Казните за тие кои го нарушуваат системот и соживотот ќе мора да се строги и драконски. За памет. За да болат, за да не му текни на сторителот да ги повтори.

Овде веќе нема почит. Моите дедовци ме учеа да имам основна почит, ама и да враќам. Денес почит нема. Секој копук се сили, а се крие зад, роднини, политичари, партии, етнос, вера… Не може повеќе така!

Судството и обвинителство се пред колапс, затоа што никој не им верува. Никој не верува на службите за социјала, на здравството. Затоа што се е контаминирано и корумпирано. Секоја будала се осмелува да бара пари. Така веќе не може! Да јас одлучувам одма ќе почнев да градам нови затвори, а казните ќе беа со принудна работа. Нема лежење и бенефиции.

Над 30 години се уништува тоа што нели „лошите и неспособни комунисти“ оставија зад себе. Да, идеолошки стеги и репресија, ама со некаков систем и ред. Последниве 7 години доживеавме апокалипса. Се потрошија милијарди, го кренавме државниот долг на 70%, ништо не добивме ко нација, се се‘ распродаде, а не водеа два лика, еден по друг, кои останаа познати по нискиот раст и насмевката со отсутен поглед, како обележје на високиот емотивен и интелектуален капацитет.

Уживајте! Никој никого нема да дестабилизира. Паниката е само кога ќе почнат да фрчат кривични. Секој во животот знае што правел, и што од каде му е. Ќе си биде ко во народната: „Се тресеше гората, се роди глушец!“ Таквите само ќе „џафкаат“ и креваат „џева“, народ со нив не излегува на улица. Тие само бараат начин како да се спогодат и останат непроцесуирани.

Патем, доста сите зборувате дека треба закон за ова за она. Законот само треба да се прошири. За сите! Пред се за сите кои работат државно. Си има законска одредба! Кој не може да докаже од каде му се парите или имотот го даночиш со 70-80 %, и тоа е тоа!  Чиста работа. Нема лутиш. Америка и Западна Европа се темели на принципот дека во животот мора две работи, на крајот да умреш и да платиш данок!

 

Александар Ристевски

To top