Дел од англиските медиуми објавија дека по завршувањето на актуелната сезона тренерот на фудбалерите на Манчестер сити, Пеп Гвардиола ќе ја преземе англиската репрезентација.
„Дали ќе го напуштам Манчестер сити на крајот на сезоната? Се уште не сум се одлучил. Мојата иднина е отворена и немам точни одговори. Се е можно во фудбалот, но гледајќи од оваа перспектива можам да кажам дека нема да бидам следниот селектор на Англија“, рече 53-годишниот Гвардиола, со години еден од најдобрите светски стручњаци.
По завршувањето на Европското првенство, кое Англија го загуби од Шпанија, селекторската функција ја напушти Герет Саутгејт. На негово место дојде Ли Карсли, но само како вршител на должноста, до изборот на новиот селектор.
Англиската фудбалска асоцијација се обидува да најде долгорочно решение, планот е на клупата на националниот тим да седне реномирано тренерско има. Засега, според бројните извештаи моментално прв фаворит е Томас Тухел.
Актуелниот договор на Гвардиола со Манчестер сити истекува на крајот од оваа сезона, а според некои извори во текот на летото Англиската фудбалска асоцијација веќе му понудила работа на Шпанецот. Овие наводи не се потврдени.
Англија минатата сезона испадна од елитната Лига на нации и оваа сезона игра во Лига Б По четири кола е на второто место во својата група со девет бодови. Грција има три повеќе.
Гвардиола е тренер на Манчестер сити од 2016 година, а покрај доминацијата во англискиот фудбал, пред две сезони на клубот му ја донесе и премиерната титула во Лигата на шампионите. Претходно работеше во Барселона и Баерн.