Вчера започна јубилејната 15-та Школа за млади лидери на претседателот Иванов која што ќе се одржува во следните две недели. Во периодот од 1-13 октомври 2024 година школата ќе се одвива комбинирано, онлајн и во Охрид. Оваа година, под темата „Лидерство за мир“, младите учесници ќе имаат извонредна можност да ги надградат своите вештини и визии за постигнување на траен и одржлив мир во светот.
15-тото јубилејно издание на Школата за млади лидери традиционално ја отвори покровителот и иницијатор на овој проект, поранешниот претседател д-р Ѓорге Иванов, кој го истакна значењето на оваа иницијатива која низ годините ги инспирираше, подготвуваше и охрабруваше новите лидери да одговорат на предизвиците на модерното време преку заедничка работа и креирање на позитивни промени.
Претседателот Иванов се осврна на карактеристиките на успешните лидери во денешниот свет, на лидери кои работат на воспоставување, негување и одржување на мирот. Изразувајќи загриженост за глобалната нестабилност и конфликтите што се појавуваат во различни региони, истакна дека мирот и дијалогот се клучни за решавање на меѓународните тензии и за изградба на траен мир. Тој повика на поголема соработка меѓу државите и ја истакна важноста на дипломатските напори за спречување на војните и за промовирање на човековите права и безбедноста на сите граѓани. Во контекст на актуелните глобални настани, Иванов нагласи дека иако многу се зборува за војни и конфликти, малку внимание се посветува на прашањето за постигнување на мир. Тој повикува на потребата за интензивирање на разговорите за мир и за создавање на платформи за соработка, наместо да се фокусираме на воените стратегии и оружје. Мировните иницијативи, според него, мора да бидат во центарот на нашите напори, бидејќи само преку разбирање и компромис можеме да изградиме стабилна и безбедна иднина. Потенцираше дека мирот е премногу комплексна и скапа работа, но неопходна да опстанеме како човечка цивилизација.
Учесниците на 15-тата Школа беа поздравени и од поранешниот Генерален Секретар на Обединетите нации, Бан Ки-мун, кој поздравувајќи ја иницијативата на претседателот Иванов, ја честиташе 15-годишнината на Школата за млади лидери. Искажа посебнo признание за забележителните достигнувања на претседателот Ѓорге Иванов со Школата за млади лидери. Тој потсети и на своето претходно предавање пред третата генерација на Школата за време на неговата официјална посета на Република Македонија во јули 2012 година. Им посака на младите учесници успеси и големи достигнувања, потенцирајќи дека неопходно е да го научат и применуваат концептот на глобално државјанство. Господинот Бан потенцираше дека глобалното државјанство може да се карактеризира како толеранција, добронамерност, сочувство и пожртвуваност. Ако лидерството на младите ги има овие карактеристики, тогаш како глобални граѓани ќе имаат можност да постигнат многу повеќе и подобра иднина за сите. Нагласи дека младите мора да го научат и прифатат концептот на глобално државјанство и само така ќе бидат вистински успешни лидери кои ќе придонесуваат за решавање на предизвиците со кои се соочува човештвото.
Школата за млади лидери претставува уникатна платформа за талентирани млади луѓе кои доаѓаат од различни делови на општеството, секој од нив носејќи богато искуство и идеи. Учесниците се внимателно одбрани врз основа на нивните академски достигнувања, лидерски потенцијал и посветеност кон социјалните и општествените промени. Тие се идентификувани како идни лидери кои ќе играат важна улога во создавањето на мирна и просперитетна иднина. На овогодинешната школа учествуваат околу 40-тина учесници и поради нејзиниот меѓународен карактер, покрај учесниците од Република Македонија, една третина од учесниците се странци.
Програмата на Школата е осмислена така што им овозможува на учесниците да ги подобрат своите лидерски вештини, критичкото размислување, капацитетот за соработка, како и да ги надградат способностите за иницирање и спроведување позитивни промени. Преку предавањата, работилниците, посебните сесии, панел дискусиите и практичните проекти, млади учесници ќе имаат можност да научат како да го искористат својот потенцијал за градење на мирот и заеднички да создаваат решенија за глобалните предизвици. 20-тина предавачи и повеќе од 30 панелисти и говорници од Македонија и од странство ќе споделат дел од своето искуство и знаење со учесниците.
Школата е организирана од Кабинетот на поранешниот Претседател Иванов во партнерство со Меѓународниот центар „Алијанса на цивилизациите“ и Алумни Асоцијацијата „Иванов Школа за лидери“.
Со крајна цел инвестиција во идните и потенцијални лидери, овој проект е целосно поддржан од бизнис секторот во земјата. Спонзори и поддржувачи се повеќе општествено одговорни компании од Република Македонија, некои од самиот почеток на школата.
Школата за млади лидери е иницијатива на претседателот Ѓорге Иванов која започна на почетокот на неговиот прв мандат. Првата Меѓународна обука за млади лидери се одржа во 2010 година. Оттогаш, во текот на досегашните 14 школи, учествуваа околу 550 млади луѓе од земјата и од странство, со различна академска и професионална позадина. Во рамки на Школата за млади лидери, низ годините до сега предавања одржаа над 350 реномирани предавачи од Република Македонија, Европа и светот. Во 2018 година, проектот Школа за млади лидери на Претседателот Иванов, е прогласен за најдобар социјално одговорен проект во Европа за 2017 година од страна на Светскиот инвестициски форум на бизнис ангели.