Стратегии за зголемување на општинските приходи, унапредување на процесот на децентрализација и подобрување на транспарентност и отчетност на локалната самоуправа се теми на форумот Стратегии за соработка во одржливо мобилизирање на ресурсите и децентрализација чиј домаќин е Проектот на УСАИД за зајакнување на капацитетите за искористување на ресурсите на општините.
На форумот на кој учествуваа претставници од локалните и централните власти, како и релевантни засегнати се обрати Златко Перински, министер за локална самоуправа кој истакна дека проектот е значаен бидејќи им помага на општините особено во делот на јакнење на нивната капацитетност и отчестност во управување со јавните финансии. Во тој контекст, додаде, ќе им помогне и за поодговорно и транспарентно користење на средствата во однос на јавниот повик кој го објави Владата во износ од 100 милиони евра за капитални инфраструктурни проекти.
-Владата преку ресорните министерства ќе го следи процесот, меѓутоа имплементацијата на средствата е во целосна одговорност на локалните самоуправи и се надевам дека оваа алатка ќе им помогне поодговорно и посоодветно да ги располагаат тие средства. Дополнително ќе помогне во оној дел на дигитализација која како МЛС ни е императив да ја спроведеме. Зацртавме цел до крајот на 26-та година сите локални самоуправи ќе бидат прикачени на е-порталот при кој што ќе нудат одреден пакет од своите услуги кои ги нудат кон граѓаните, но дополнително ќе ја обезбедиме можноста да го колектираат данокот на имот по пат на е-данок, како и поангажирано да се посветат на проблемот во колектирање на приходите од сопствени извори како данокот на имот и комуналните такси, односно посоодветно да ги ажурираат нивните бази на корисници. Во моментов имаме огромен диспаритет помеѓу локалните самоуправи – имаме самоуправи каде собираат данок приближно 100 проценти, но и некои каде имаме 0 проценти, рече меѓу другото Перински според кого алатката треба да помогне за поголема финансиска самостојност на општините. (МИА)