Култура Музеј на град Неготино

Во Неготино отворена изложбата „Невестински соништа, касели и ковчези од Битола и Битолско”

Изложбата содржи фотографии и реплики на предмети, што во минатото биле дел од внатрешното уредување на традиционалната македонска куќа.

Во Неготино отворена изложбата „Невестински соништа, касели и ковчези од Битола и Битолско”

„Невестински соништа, касели и ковчези од Битола и Битолско“ е насловена изложбата што денеска беше отворена во Музеј на град Неготино. Изложбата содржи фотографии и реплики на предмети, што во минатото биле дел од внатрешното уредување на традиционалната македонска куќа.

Драгица Чекорова, кустос советник во Музејот, рече дека со оваа иницијатива се приклучуваат во одбележувањето на важноста на заедничкото културно богатство и неговото зачувување за идните генерации, во соработка со НУ Завод и Музеј Битола и д-р Мери Стојанова, автор на изложбата.

– Од 23 до 29 септември 2024 година се одржуваат Европските денови на културното наследство, манифестација која на локално и меѓународно ниво го слави културното наследство и традициите на земјите од Европа. Овој настан, инициран од Советот на Европа и Европската Комисија, има за цел да го поттикне знаењето, зачувувањето и промоцијата на културните и историските вредности во европскиот контекст, додаде таа.

Чекорова потсети дека Европските денови на културното наследство претставуваат паневропска иницијатива почната од 1985 година, под покровителство на Советот на Европа и Европската Унија.

– Целта на оваа иницијатива е да се промовира и зачува културното наследство на Европа, при што милиони граѓани добиваат можност да учествуваат во најразлични настани кои ја истакнуваат важноста на културните и историските вредности. Оваа манифестација се одржува секоја година во текот на септември и опфаќа над 50 европски земји што организираат изложби, концерти, работилници, предавања и други активности што имаат за цел да го приближат културното богатство до јавноста, рече Чекорова.

Таа додаде дека настаните се бесплатни, со што се поттикнува широката јавност, особено младите, да се запознаат со културната историја на својата земја и да развијат свест за зачувување на наследството за идните генерации.

– Македонија започна да ги прославува Европските денови на културното наследство во 1996 година. Оттогаш, секоја година, различни институции и организации низ земјата организираат настани, што го истакнуваат богатото културно и историско наследство на Македонија. Настаните вклучуваат отворање на изложби, предавања, работилници, тури низ културни и историски локации, како и активности кои го приближуваат културното наследство до пошироката јавност, истакна Чекорова.

Директорот на Музејот Александар Донов истакна дека оваа културна институција е секогаш подготвена и отворена за организација на културни настани, што ги презентираат традицијата и македонското културно наследство.

Пред присутните се обрати и авторката на изложбата, Стојанова.

To top