Македонија

Времеплов кој ќе ви ги врати спомените: Музеј на „Алкалоид“ – историја и традиција

Во својата долга историја „Алкалоид“ секогаш покажувал резилиентност и брза приспособливост на промените.

Времеплов кој ќе ви ги врати спомените: Музеј на „Алкалоид“ – историја и традиција

„Алкалоид“ го официјализираше отворањето на корпоративниот Музеј во рамките на својот локалитет во „Автокоманда“, кој претставува автентичен времеплов низ компаниската историја, втемелена врз многу труд, знаење, искуство и квалитет.

Иницијалната колекција на Музејот вклучува опипливи сведоштва од скромните почетоци на компанијата, низ хронолошки, декаден след на постепениот деветдецениски раст и развој, како и на глобализацијата и модернизацијата на денешниот „Алкалоид“, бренд зад кој стојат илјадници исполнителни вработени и милиони задоволни корисници.

На површина од над 300 м², Музејот на „Алкалоид“ АД Скопје вклучува внимателно колекционирани сегменти од богатата компаниска историја и од работниот век на генерации алкалоидовци. Музејските експонати на компанијата го вклучуваат првиот филм за „Алкалоид“ од 1950 година, најстарото кутиче и оригиналното одобрение за производство на лекот „Кафетин“ од 1957 година, првите пакувања на култниот „Бекутан“ од 1978 година, историјата на Билка со брендот Good Nature од 1966 година, најстарите индустриски машини, ретроспектива на компанискиот логотип низ децениите, примероци од првите изданија на т.н. фабрички весници на „Алкалоид“ од 1971 година и друго. Колекцијата содржи и експонати од поновите производи и брендови на „Алкалоид“, како што се брендот „БлокМакс“ од 2012 година, екстензиите на „Прокулин“ од 2017 година, „Бекутан Кидс Витс“ од 2019, портфолиото на „Мулти Есенс“ од 2020, како и водечкото портфолио на цефалоспорини во компанијата.

„Овој простор содржи бројни драги спомени и значајни моменти од работниот век на генерации алкалоидовци, кои сведочат за етапниот развој на една успешна македонска приказна, која денес нови генерации ја раскажуваат надвор од македонските граници, со пласмани во над 50 земји во светот. На едно место собравме поставки од скромните почетоци во два погона, во кои 15 работници произведувале 350 кг фармацевтски суровини, до денес, кога во зенитот на деветтата деценија од нашето постоење имаме над 80.000 м2 производствени капацитети, илјадници исполнителни вработени и милиони задоволни корисници“, истакна Генералниот директор и Претседател на УО на „Алкалоид“, Живко Мукаетов.

Во својата долга историја „Алкалоид“ секогаш покажувал резилиентност и брза приспособливост на промените. Во контекст на успешниот развој, клучни одлики се континуираните инвестиции, квалитетот на производите и на стручниот кадар кој управува со процесите.

Основна константа за компанијата претставува вложувањето во заедницата во која дејствува, а колективната општествена одговорност е врвен императив и влог за поттик кон пошироко општествено дејствување.

To top