На иницијатива на Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Христијан Мицковски, а во организација на Меѓународниот републикански институт (ИРИ), денеска во рамки на дијалогот помеѓу Владата и граѓанскиот сектор, Министерот за јавна администрација, Горан Минчев, учествуваше на првата од сериите средби на тема „Владеење на правото, доброто владеење и борбата против корупцијата“.
Министерот Минчев истакна дека основната цел на Владата е враќање на довербата на граѓаните во институциите, намалување односно елиминирање на корупцијата и унапредување на владеењето на правото.
„Како Министерство за јавна администрација презедовме активности со повлекување на три суштински предлог-закони од собраниска процедура поднесени од претходната Влада“, рече министерот Минчев.
“Овие закони, Предлог-законот за административни службеници, Предлог-законот за вработените во јавниот сектор и Предлог-законот за професионално усовршување и обука на административни службеници, се суштински системски закони за кои сметаме дека се почеток на реформите во јавната администрација.” – додаде Министерот.
Министерството се обврза на повторно донесување на овие закони преку надграден процес кој обезбедува активно вклучување на сите засегнати страни, вклучувајќи ги граѓанските организации, институциите, синдикатите, меѓународните организации, претставниците на СИГМА и Европската комисија, експертите и опозицијата.
Учеството на министерот Минчев на оваа средба со невладиниот сектор и граѓанските здруженија дополнително ја истакнува и зајакнува посветеноста на Министерството за јавна администрација за транспарентност, соработка и реформи, кои се насочени пред се кон градење на јавна администрација која ќе ги почитува највисоките стандарди на професионализам и интегритет.
Заложбите на Министерството на јавната администрација за инклузивност дополнително се покажуваат со јавните дискусии одржани во соработка со Центарот за управување со промени (ЦУП), како дел од кампањата „Сите заедно за професионална и квалитетна јавна администрација“.
Министерот Минчев го констатира успехот на овие дискусии, каде граѓанското општество и пошироката јавност имаа можност да го кажат своето мислење за предложените закони. Дополнително, беа одржани две јавни дискусии во соработка со Заедницата на единиците на локалната самоуправа на Република Северна Македонија (ЗЕЛС), каде општинските администрации на ниво на цела држава дадоа вредни повратни информации.