Македонија

Димитриеска Кочоска: Да обезбедиме влез на поголем број учесници на Берзата, ќе работиме на развој на секундарниот пазар

Димитриеска Кочоска: Да обезбедиме влез на поголем број учесници на Берзата, ќе работиме на развој на секундарниот пазар

Министерството за финансии и Македонската берза во наредниот период активно ќе работат на развој на секундарниот пазар за тргување со хартии од вредност со цел да се зголеми бројот на учесници и тие да го најдат својот интерес во тоа. Ова го порача министерката за финансии Гордана Димитриеска Кочоска на денешната 23. Годишна конференција на Македонската берза, што се одржува во Охрид.

„Берзата е место на кое се сретнуваат инвеститорите, место каде што се движи капиталот и затоа е многу важно да се создадат услови за влез на што поголем број учесници. Да го најдат интересот и правните и физичките лица, кои можат да вложуваат средства во алтернативни извори на финансирање коишто се нудат на Берзата, покрај она што е традиција кај нас, а го нуди банкарскиот сектор. Во таа насока, во наредниот период, заедно со Македонската берза, поактивно ќе дејствуваме, меѓу другото, и во развој на секундарното тргување на хартиите од вредност кое има повеќекратни придобивки. Имено, за примарниот издавач ќе има придобивка бидејќи ќе се зголеми интересот за инструментите што се ликвидни. За Македонската берза придобивката ќе биде зголемување на обемот на тргување, додека за имателот на хартиите од вредност предноста е во тоа што ќе поседува ликвиден инструмент којшто ќе може да го продаде во секое време, односно да го материјализира“, истакна министерката за финансии и додаде дека Берзата ќе се користи како примарен пазар за обврзници кои Министерството за финансии планира да ги издава во наредниот период.

Според министерката, соработката со Берзата е исклучително важна затоа што клучно за зголемување на интересот за тргување со хартии од вредност што ги издава Министерството за финансии е имателите на тие хартии од вредност да бидат сигурни дека можат во секое време да ги материјализираат на секундарниот пазар и на тој начин да обезбедат ликвидни парични средства.

Најави дека се работи на донесување Одлука за 23-тата емисија на обврзници за денационализација во вредност од 1,5 милиони евра, којашто ќе ја зголеми понудата на хартии од вредност со кои ќе се тргува на секундарниот пазар на Македонската берза. Инаку, вкупната вредност на претходно издадените 22 емисии на обврзници за денационализација изнесува 397 милиони евра.

Поздравувајќи ги позитивните резултати од работењето на Македонската берза во првата половина од оваа година, рече дека Министерството за финансии ќе продолжи со унапредување на регулативата со цел да се обезбеди дополнителен развој на пазарот на капитал.

Најнови вести од Македонија

To top