Претседателката Гордана Сиљановска Давкова денеска прими ученици-младинци со оштетен слух и говор од Државниот училишен центар за образование и рехабилитација „Партенија Зографски“, специјалниот едукатор и рехабилитатор Христина Божиновска Ѓикова и Викторија Волак, толкувач на знаковен јазик.
На средбата претседателката Сиљановска Давкова беше информирана за тековните активности во овој училишен центар што се во насока на образование, воспитување, рехабилитација, професионално и работно оспособување на ученици со оштетен слух.
Учениците ја запознаа Претседателката со разновидните воннаставни активности во коишто се активно вклучени преку кои ги развиваат своите вештини и таленти од областите за кои покажуваат особен интерес, како и со нивните идни планови по завршувањето на средното образование.
Претседателката Сиљановска Давкова ја истакна значајноста на дејноста на ова единствено училиште за средно стручно образование во земјава за учениците со оштетен слух во коешто се оспособуваат за интегрирање во работните процеси, како и за вклучување во високото образование. Изразувајќи ја својата поддршка за нивната мисија, Претседателката порача дека наш заеднички приоритет треба да биде унапредувањето на правата на лицата со оштетен слух и говор со цел нивна поголема инклузија во македонското општество.