„Очекував да се пријави за збор Венко Филипче бидејќи тој ја држеше прес конференцијата и да ги каже сите детали кои што ги соопшти на прес конференцијата но никогаш ни не дошол да дискутира во Собранието и тоа бегање приличи на вашето однесување. Останува да се демантираат неколку теми и да се објасни која е реалната суштина за која овој заем ќе служи. Економијата е една од клучните теми за која СДС беше катастрофално поразена. Транспарентно е донесен бидејќи е усвоен на влада и сега ќе се усвои во собранието“, кажа Бојан Стојаноски пратеник на ВМРО-ДПМНЕ на седницата за законското решение за заемот од Унгарија и додаде:
-Овој заем доминантно ќе биде искористен за две цели. Прво за финансирање на инфраструктурни проекти во општините во износ од 250 милиони евра а второ за финансирање на кредити на евтини кредити кон стопанството од 250 милиони евра, рече Стојаноски.
Стојаноски потенцира дека општините ќе добијат 250 милиони евра за инфраструктурни проекти.
-За финансирање на инфраструктурни проекти по она што го соопшти министерот за Локална самоуправа, 80 општини за 357 апликативни формулари имаат поднесено за финансирање на проекти. Тоа значи дека за 6 дена ќе заврши процесот на евалуација на тие проекти и тие проекти кои што ќе бидат избрани со ресорните министерства во договор со општините таквите средства веднаш ќе бидат префрлени на наменски сметки во општините, истакна Стојаноски.