Свет Канбера

Албанезе: Икс има општествена одговорност

Ако господинот Маск не разбира, тоа зборува повеќе за него отколку за мојата Влада, изјави Албанезе.

Албанезе: Икс има општествена одговорност

Премиерот на Австралија, Ентони Албанезе ги отфрли тврдењата на Елон Маск дека неговата Влада е „фашистичка“ и го повика американскиот милијардер да признае дека Икс „има општествена одговорност“.

– Ако господинот Маск не разбира, тоа зборува повеќе за него отколку за мојата Влада, изјави Албанезе.

Неговата изјава уследи откако Маск го коментираше новиот австралиски закон за борба против лажните вести кои се шират на социјалните мрежи, поради што социјалните мрежи, како Икс, би можеле да бидат казнети во износ од пет проценти од својот годишен приход.

– Фашисти, објави Маск на Икс коментирајќи го новиот австралиски закон против лажните вести.

Маск минатата година неколку пати се судри со австралиската Влада, вклучително и барањата на Канбера од Икс да се отстранат снимките од прободувањето на бискуп во Сиднеј.

Во април, комесарот за е-безбедност му нареди на Икс да ја отстрани содржината и поведе постапка пред федералниот суд за отстранување на материјалот. Во јуни, комесарот за е-безбедност ја суспендираше постапката, но во октомври се очекува да се расправа за посебен административен апелациски суд за ова прашање.

Маск ја обвини австралиската Влада дека ја задушува слободата на говорот.

Албанезе претходно Маск го нарече „арогантен милијардер кој мисли дека е над законот“.

To top