Колумни

Каква Македонија посакувам, а ја немам!

Идеалист сум и верувам дека може подобро, ама се повеќе станувам скептичен. Не за друго, туку дека праксата покажува дека сплеткарошите, кодошите и оние кои дневно вртат на два-триесет луѓе, секогаш ќе бидат пред оние кои ги бива, работат и не се замараат со други. Кај нас се е пропаганда!

Каква Македонија посакувам, а ја немам!

Го прославивме и 33-от роденден на државата. Цели 79 години како самостоен ентитет, во федеративен сојуз, но изминатите 33 години како самостојна држава. Е тоа самостојна малку е тешко да се објасни.

Тешко е, затоа што докажавме дека сме килави, мутави и неспособни да воспоставиме ред, поредок и владеење на правото, но најмногу и ред и дисциплина. Не може човек ни името да си го каже затоа што и веќе го нема! Има лепенка, додавка. Делува некако ладно, студено, северно. И никој друг не ни е крив. Никој! Самите ние! Вината ја гледам и во себе и во секој еден што ме опкружува.

А бе луѓе! Нема држава кога не знаеме да возиме, да се движиме. Кога не знаеме во ред да чекаме. Кога не знаеме ѓубре да фрлиме. А бе, шахтите ни се запушени, секој помал дожд поплави имаме! Секој свири ко луд. Буџава огромна. Нелегални „летни’ тераси, музика на отворено, шкртаници и политички пораки, посери на секој чекор. Каде бре тоа сте го виделе во Европа?

Кога се гордееме со криминалци, измамници и преваранти. Ѕвезди правиме од жени со низок морал, од неталентирани музичари, а мрчиме за платите на врвните кои третираат класика.

Воведуваме етнички квоти за се’! Рековме мултиетничка, требаше граѓанска, а градиме бинационална процентуална држава.  Не го почитуваме државното знаме и химната. Дури истото во одредени места и населби некој го смета за провокација! Пази, провокација е знамете на државата во која живее!? Мрдната работа!

Погледнете кој низ годините ги води значајните државни институции. Погледнете само какви ликови се главни, воглавно преку партиите на помали коалициски партнери и „правично“ застапените. Да, има тук таму и по некој лик за почит, но генерално тоа се ликови кои без нечиј грб нема да можат ни тезга на пазар да водат.

Школството е на колена. Не ни до фасадите, ни до тоалетите, ни до смарт табли, ни до клими и инвертери. До човечкиот материјал е! Нема „даскали“. Нема кој да ги учи децата, но и да покаже став и авторитет. Никој нејќе да студира математика, физика, хемија, биологија, македонски јазик, дури и наставници по физичка култура нема. Зошто? Затоа што политиката ги изгради клиентелистичкиот пристап, дека мора да се наплати, а следниот чекор е од негде да се најде диплома. Па добивме куп морони со дипломи, на места кои не ги заслужуваат, а оние чесните, вредните и умните се иселија или прилагодија, па се снајдоа во приватниот сектор.

Цели 20 години некој ги уништуваше техничките училишта. Истите место по квалитетни, станаа двојазични. Сега имаме паралелни системи за мајстори, па ко ќе погледнеш таблоа од некои училишта, имаш наставници колку и ученици. Генијално!

Идеалист сум и верувам дека може подобро, ама се повеќе станувам скептичен. Не за друго, туку дека праксата покажува дека сплеткарошите, кодошите и оние кои дневно вртат на два-триесет луѓе, секогаш ќе бидат пред оние кои ги бива, работат и не се замараат со други. Кај нас се е пропаганда!

Се изнагледав просечни медиокритети кои успеваа во јавноста да се продадат како топ класа, а само беа добро набилдан производ на успешни оперативци и пропагандисти. Тоа ни беше проблемот во изминатите 33 години.

Искрено, не сакам веќе имиња, ниту пак големи настани, пропаганда и перформанси. Сакам видливи резултати, ревизија, кривични за претходните, конфискуван имот и санкции. Сакам квалитет и опипливи резултати, а не бесплатни концерти, кетеринг, хепенинзи и ситна тезгичка!

Сакам бре ред. Сакам оние кои се „цепаат“ и прават главни, некој да дојде и да ги казни. Да им отстрани кола, урбана опрема, дивоградба, тенда, да им затвори објект, конфискува имот. Сакам држава!

Велите нејќете Северна? Не сакам ни јас! Знаете кога ќе биде само Македонија? Кога ќе се среди сево ова, кога на брзинка ќе влеземе во ЕУ, и кога ќе покажеме дека можеме да бидеме како Естонија. Тогаш никој нема да се буни да бидеме само Македонија. Тогаш Грците ќе бараат наш пасош, и ќе доаѓаат кај нас да работат. Срам ми е кога немам со кого да се споредам во опкружувањето. Сите не поминаа, по сите аспекти, а ние се занимаваме со квоти, вработувања, јазик за обраќање, и кој поголем верник е. Џабе муабет!

За почеток треба да ги тргнеме мороните, клиентелистите, просечните, полтроните и лоповите од високите функции, од директорските и раководните места. Некој бараше намалување на платите! Обратно, треба зголемување. Уште 50% поголеми. Ама ако земе макар и чепкалка за заби од работа, да лета ко партал. Да нема скапи телефони, лаптопи, службени коли по дома 24/7, репрезентации, а нека биди платен. Ако остави долгови, да си ги подмири сам или да одговара. Разрешување не е никаква одговорност.

Ех, моја Македонијо! Се почна некако годинава, ама темпото мора да е посилно, по конкретно и по директно! Немаме време за чекање. Летна животот. А хиените, ако не ги толчиш, ќе добијат сила и ќе ти скројат капата!

Александар Ристевски

To top