Македонија Министерство за образование и наука

Јаневска: ОБСЕ е наш партнер во градењето интегративно општество, што почнува од училиштето

Заедничките наставни и воннаставни активности на учениците од различно етничко потекло овозможуваат учениците слободно да ги изразуваат мислењата, да ги согледуваат различните перспективи и ја зголемуваат толеранцијата.

Јаневска: ОБСЕ е наш партнер во градењето интегративно општество, што почнува од училиштето

Градењето училишта како хармонични средини кадешто се поттикнува меѓусебната доверба меѓу учениците од различни етнички заедници, е залог за создавање општество кое ја цени различноста и инклузивноста. Со иницијативи и активности кои поттикнуваат атмосфера на почит и разбирање, можеме да им помогнеме на учениците да развијат чувство на емпатија и соработка што ги надминува ограничувањата и придонесува за развој на општеството како функционална целина, се согласија на денешната средба министерката за образование и наука Весна Јаневска и нејзиниот соговорник, шефот на мисијата на ОБСЕ амбасадорот Килиан Вал.

Заедничките наставни и воннаставни активности на учениците од различно етничко потекло овозможуваат учениците слободно да ги изразуваат мислењата, да ги согледуваат различните перспективи и ја зголемуваат толеранцијата.

При тоа, наставниците го моделираат инклузивното однесување и ја поттикнуваат соработката, што води кон градење доверба меѓу учениците.

Министерката Јаневска се заблагодари на амбасадорот Вал за континуираната логистичка и финансиска помош во борбата против етничките стереотипи и предрасуди, преку развивање чувство на заедништво и припадност, што придонесува за градење капацитети за социјален мир, безбедност и напредок на заедницата.

To top