Македонија

Прв брифинг со медиуми на собранискиот спикер Гаши

Прв брифинг со медиуми на собранискиот спикер Гаши

Претседателот на Собранието, Африм Гаши, денеска ќе одржи неформална средба со претставниците на медиумите, на која, како што е најавено, ќе се разговара за тековните и идните активности на Собранието.

Во меѓувреме, не престануваат партиските преписки за неговата интерпелација која е ставена на дневен ред на 13. пленарна седница закажана за 3 септември годинава, поднесена од пратеничката група на „Левица“.

Додека ВМРО-ДПМНЕ порачува дека нема да поддржи интерпелација, а СДСМ за тоа ќе гради партиски став во текот на неделава, Арбен Таравари од Коалицијата „Вреди“ „не верува дека интерпелацијата ќе помине“.

Таравари смета дека ќе биде неуспешна интерпелацијата за работата на претседателот на Собранието, но вели дека сепак ќе биде можност за опозицијата да прави спектакл.

– Поголемите партии што се коалициски, оние кои се во Владата, во мнозинството, нема да ја изгласаат. Ќе биде неуспешна, меѓутоа ќе има шанса за спектакл од тие што се во опозиција, рече вчера Таравари во одговор на новинарско прашање по увидот во градежните работи на првиот социјален клуб за адолесценти и возрасни со аутистичен спектар во Ѓорче Петров.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ и премиер Христијан Мицкоски вели дека нема да ја поддржат интерпелацијата на Гаши. Одговарајќи на новинарски прашања по поставувањето камен темелник за изградба на градски пазар во Неготино, тој кажа дека партијата не гледа причина за интерпелација на спикерот Гаши.

– Начинот на кој тој се однесува како спикер во Парламентот, како ги води седниците и се тоа што таму се случува претставува сериозно различно однесување од тоа што го правеше неговиот претходник, рече Мицкоски.

Според него, коалицијата СДСМ-ДУИ-Левица, има свои мотиви зошто поднесуваат таков тип на интерпелација.

За тоа дали СДСМ ќе ја поддржи интерпелацијата на собранискиот спикер, претседателот на СДСМ Венко Филипче вчера рече дека во текот на оваа недела ќе имаат координација со пратеничката група и ќе заземат став.

Според Филипче, главното прашање е зошто ВМРО ДПМНЕ не почне постапка да се смени Гаши во контекст на сите најави и изјави на владејачката партија за одговорно работење на секој функционер кој е поставен на одговорна функција.

– Секојдневно слушаме како премиерот зборува за одговорност, за одговорна работа, а МВР детектираше и го стави на писмен документ несоодветното однесување и неправилно постапување на собранискиот спикер. Со тоа падна во вода ветувањето на ВМРО ДПМНЕ за одговорно владеење, изјави вчера Филипче.

Пратеничката група на Левица на почетокот на месецов ја поднесе интерпелацијата за работата на претседателот на Собранието. Во барањето за интерпелација поднесено од Левица, се наведуваат неколку причини – Гаши ја повредил секуларноста на државата кога на собраниска седница за одбележување на геноцидот во Сребреница заедно со другите присутни извел групна верска молитва, потоа инцидентот со косовската претседателка Вјоса Османи на скопскиот аеродром, како и повреда на употребата на македонскиот јазик затоа што заклетвата што ја дал како веќе избран претседател прво ја дал на албански, а не на македонски јазик. Сметаат и дека го злоупотребил Законот за државни симболи затоа што во салата во која се одржуваат пленарните седници на Собранието се поставени и симболи на НАТО и на Европската Унија, а не ставил на дневен ред точка за констатирање на престанок на пратеничката функција на Талат Џафери кој во исто време сѐ уште ја извршуваше функцијата технички премиер. Реакција во јавноста покрена и патувањето на спикерот Гаши со службено возило на свадбена веселба во Косово.

Најнови вести од Македонија

To top