Живот и Стил

Според Календарот на МПЦ, утре се празнуваат овие светители

Според Календарот на МПЦ, утре се празнуваат овие светители

Светиот пророк Михеј II

Од племето Јудино, а од селото Мориси, заради што го нарекуваа Морисиќанец. Современик на Пророците Исаија, Амос и Осија и на јудејските цареви Јоатам, Ахаз и Езекија. Ги изобличуваше пороците на својот народ и лажните пророци коишто пророкуваа „за вино и жесток пијалок“. Ја претскажа пропаста на Самарија. Ја претскажа и пропаста на Ерусалим, којашто ќе дојде зашто поглаварите негови ќе земаат мито, свештениците ќе учат за плата, а неговите пророци ќе гатаат за пари. „Затоа, заради вас, Сион ќе се преора како нива и Ерусалим ќе стане како купиште.“ Но од сите негови пророштва најважно е пророштвото за Месијата, особено за местото на Неговото раѓање. Тој го именуваше Витлеем како место на раѓање на Месијата, на Кого исходот му е од почетокот, од вечните времиња. Не се знае точно дали и овој пророк беше убиен од Евреите или умре со мирна смрт (Еремија 26, 18-19). Но се знае дека беше погребан во неговото родно село и дека моштите му ги пронајдоа заедно со моштите на Пророкот Авакум, во времето на царот Теодосиј Велики, според некое таинствено откровение што го имал Елевтерополскиот епископ Зевин.

Тропар
Пророче Божји, Михеј свети, ти кој волјата Господова до луѓето ја приближи, опомени за непослушности донесе, синовите на непокорноста да се исправат помогна, и многупати покажа дека човек непријател си е сам на себеси кога слово за спасение отфрла. Моли се, Божји човеку, до полезното да се придржуваме и од гордоста да се ослободуваме.

Светиот свештеномаченик Маркел, епископ Апамејски

Роден е на Кипар, од богати и угледни родители. Имаше високо образование, стапи во брак и имаше деца. Кога умре жена му, се повлече во монашки живот, заради што ги остави децата на Промислата. Се прочу заради милосрдноста, кротоста и духовната ученост, и заради ова апамејците го избраа за свој епископ. Како епископ ревносно се трудеше во обраќањето на незнабожците во христијанската вера. Кога изгоре еден идолопоклонички храм, идолопоклониците го фатија Маркел како божемен предизвикувач на тој пожар и во оган го изгореа, околу 389 година.

Тропар
Оган ревносен стана, Маркеле, Божји пастиру, деца на волја Господова предаде, жезол доби деца кон Христа да водиш, збор благодатен во патоказ се претвори, и ти маченички во градини небесни стигна, од каде сега моли се, идоли во нас да срушиме и на Бога душа очистена да предадеме.

Поврзани теми

To top