Градоначалникот на Општина Ѓорче Петров, Александар Стојкоски, денес ја посети првата социјална институција во Република Македонија која ќе биде отворена на територијата на Општина Ѓорче Петров, посветена на адолесценти и возрасни со аутистичен спектар. На оваа посета присуствуваа Министерот за здравство, д-р Арбен Таравари, и амбасадорот на Република Бугарија, Ангел Ангелов.
Во тек е реконструкцијата на објектот кој ќе служи како дневен центар на површина од 480 м². Социјалниот клуб ќе биде опремен со мултидисциплинарен тим на стручни лица, вклучувајќи детски и адолесцентен психијатар, психолог, специјален едукатор и рехабилитатор, логопед, физиотерапевт и негуватели – изјави Градоначалникот Стојкоски.
“Проектот, реализиран од страна на НВО ‘Во мојот свет’, претставува значаен момент за нашето општество. Овој проект е резултат на посветеност и напори за создавање на инклузивно општество, каде што секој поединец има можност да добие потребна поддршка и услуги. Се надеваме дека социјалниот клуб ќе биде важен ресурс за нашата заедница и ќе обезбеди квалитетна поддршка за сите кои имаат потреба” – додаде тој.