Македонија

Има политички структури кои ќе злоупотребуваат и ќе манипулираат со одредена група на луѓе за да предизвика етнички инцидент, вели премиерот Мицкоски

Има политички структури кои ќе злоупотребуваат и ќе манипулираат со одредена група на луѓе за да предизвика етнички инцидент, вели премиерот Мицкоски

Имаме политички структури и сили во државата кои ќе злоупотребуваат и ќе манипулираат со одредена група на луѓе за да предизвика етнички инцидент за да можат да го заштитат богатството и се она што крадеа изминативе седум години од граѓаните без разлика на нивната етничка припадност. Токму тоа е единствениот начин да магнетизираат публика за најавената дестабилизација или организирање протести коишто ги планираат оваа есен, истакна денеска премиерот Христијан Мицкоски.

-Не смееме како граѓани тоа да го дозволиме и како Влада и како претседател на Владата апелирам до граѓаните да не наседнуваат на овие милионерски заговори. Погледнете ја зградата недалеку од овде, додека тие таму издаваат и милиони заработуваат го злоупотребуваат граѓанинот. Додека тие печалат и летуваат во монденски летувалишта и скијаат во монденски скијалишта, недалеку од оваа зграда договараат за нивните планови, купуваат трговски центри со ваши народни крадени пари. Да не дозволиме овие криминалци да ја дестабилизираат Македонија затоа што Македонија е наша заедничка татковина и така ќе продолжиме и во иднина да се однесуваме како Влада, рече Мицкоски во одговор на прашање при денешната прослава на 114-годишнината од раѓањето на скопјанката Гонџа Бојаџиу – Мајка Тереза.

Нагласи дека Гонџа Бојаџиу е личност која што е светска, безвременска со нејзиното однесување.

-На тоа што остана зад нејзе треба да сме горди ние скопјани, коишто сме родени во овој град, што имаме таков сограѓанин и тука апсолутно нема ниту етничка, ниту верска, ниту каква било припадност. Како претседател на Владата имам должност, но и чест да можам да се поклонам пред делото на еден ваков лик, на една ваква личност која што е безвременска и која што зад себе остави една голема димензија не само за родното Скопје, туку и за државата Македонија секаде во светот, иако животот го завршила во Индија во местото кое што самата го создаде во градот Калкута, рече Мицкоски.

Прашан дали добил информација од министерот за внатрешни работи зошто биле отстранети навивачите на Шкендија од фудбалскиот натпревар во Струмица, рече дека за тоа треба да одговорат од Фудбалската федерација на Македонија.

-Ние како политичари не можеме да коментираме одлука на делегат којшто е номиниран од страна на Фудбалската федерација на Македонија, но мислам дека има одличен рецепт за успех. Во Скопје има исклучително добра практика да нема гостување на гостински навивачи. Не гледам причина зошто тоа да не биде и низ Македонија така, да нема гостување на гостински навивачи и на тој начин да можеме да избегнеме ваков тип на настани за коишто сега прашувате, посочи Мицкоски.

Најнови вести од Македонија

To top