Со големи народни собири секоја година на 28 август се одбележува еден од најголемите христијански празници „Успение на Пресвета Богородица“ или „Голема Богородица“. Верниците на овој ден ги посетуваат најблиските цркви или манастири и се молат на мајката Богородица за здравје, среќа и благосостојба.
Екипата на новинската агенција МИА го посети манастирот во Матка, каде деновиве се прават последните подготовки за одбележување на овој голем ден, кој воедно е нивниот патронен празник.
Манастирот Успение на Пресвета Богородица (познат и како Манастир Матка) се наоѓа веднаш на левиот брег на реката Треска, по браната на езерото Матка, на околу 17 километри од центарот на градот Скопје. Тој е активен манастир во кој постои женско монашко сестринство.
Сестрите во манастирот ги организираа последните подготовки за претстојниот празник, го чистеа дворот, ја подготвуваа летната кујна. Во манастирот можевме да забележиме дека доаѓаа верници кои доброволно се пријавиле да помогнат околку подготовките за празникот.
На 28 август манастирот секогаш е посетен од илјадници скопјани како на црковните служби посветени на Успението на пресвета Богородица, така и на големата општонародна веселба проследена со манастирска трпеза (гравче) и музика. Ова е традиција која што се одржува со години.
Сестрата Доротеа во изјава за МИА објасни дека манастирот датира од 1337 година, а фреските се од 1497 година. Како што посочи, за одржување на самиот манастир најмногу се грижи сестринството.
Изработка на свештени одејанија, бројаници, лековити производи, природни масла и креми
Она што е значајно е тоа што сестрите во овој манастир изработуваат бројаници, свештени одејанија, лековити производи, зимници, везени производи, оплеменети производи, приврзоци. Имаат и пчелни производи, создаваат природни масла и креми.
-Изработуваме свештеници одежди, се што е потребно за опремување од платно, од везење за една црква. Изработуваме, цртаме кадилници, шолји, бројаници. Има повеќе работи кои ги создаваме, во нашата продавничка може да се види дека продаваме и ликери и креми. Од неодамна имаме и пчели. Немаме мед сега за продавање, но од тоа што го имаме од пчелите, ги правиме природните производи како масленца, креми, за толку имаме. Немаме мед за продавање, но имаме пчелни производи за производство на тие природни работи, додава сестрата Доротеа за МИА.
Сестринството денот го започнува во раните утрински зори со собирање на краток синаксис, на којшто се читаат кратки поуки од свети отци, како подготовка за келијното молитвено правило, се до започнувањето на дневните послушанија, при кои се изработуваат и манастирските производи. Сестрите за време на послушанијата го негуваат молчанието и постојаното кажување на Исусовата молитва.
Инаку, сите производи кои се создаваат во манастирот и можат да се купат, се објавени и на нивната веб-страница, па заинтересираните купувачи можат да си нарачаат онлајн. Сите активности на сестрите во манастирот се презентирани и во дигитална форма на оваа нивна веб-страница. Во делот на одржување на веб-страницата задолжени се сестрите во соработка со стручните лица.
На 27 август вечерна литургија и бдеење, на 28 август утринска литургија и општонародна веселба
Илјадници скопјани и жители од други делови на земјата, христијани, но и муслимани доаѓаат во манастирот да се помолат за здравје пред Мајката Божја.
Литургијата по повод празникот Успение на Пресвета Богородица е на 28 август во 8:30 часот а со неа ќе чиноначалствува поглаварот на МПЦ-ОА г.г. Стефан. Претходниот ден на 27 август во 18: 30 часот ќе се одржи вечерната служба, а пред полноќ ќе започне сеноќното бдеење.
-Активностите се тие. Вечерната служба почнува во 18:30 часот . Имаме бдение на 27-ми август од 23:30 часот. На 28-ми август имаме литургија од 8:30 часот, а ќе има подготвена и храна за сите гости што ќе дојдат, додаде сестрата Доротеа.
Манастирот, како што рече, е посетен и од млади луѓе. Има редовни посетители континуирано, а се зголемува и бројот на луѓе кои што доаѓаат на литургија.
Како и секоја, така и оваа година патронен празник на манастирот, меѓу народот познат како „ Голема Богородица“, се одбележува и со организирање на општонародна веселба проследена со манастирска трпеза (гравче) и музика, која ја посетуваат илјадници граѓани.
Овој собир има и хуманитарен карактер, бидејќи исто така традиционално во дворот на манастирот секоја година се одржува и крводарителска акција. (МИА)