Македонија 79 години од ослободувањето

Струга го одбележува Денот на ослободувањето на градот

Со положување цвеќе пред споменикот на Револуцијата во Струга и на бистите на паднатите борци на кејот на реката Црн Дрим, денеска се одбележа Денот на ослободувањето на градот од фашизмот – 8 Ноември.

Струга го одбележува Денот на ослободувањето на градот

Во чест на 79-годиншнината од слободна Струга пред спомен-обележјата се поклонија делегација на Општина Струга предводена од градоначалникот Рамиз Мерко, Сојузот на борците од Струга, претставници на политички партии, Армијата, пензионери, граѓани..

Претседателот на Сојузот на борците на Народноослободителната и антифашистичката војна на Македонија во Струга Ајредин Мемеди честитајќи им го Денот на ослободувањето на своите сограѓани, истакна дека им оставаат аманет на следните генерации да го чествуваат и почитуваат овој ден.

– Оставаме аманет на следните генерации да го чествуваат и почитуваат овој голем ден, зашто е во чест на сите кои ги положија животите за слободата на Струга. На борците од Втората светска војна, борците, кои ги дадоа своите животи за слободна, самостојна Македонија, кои се изборија за слободен град. Се поклонуваме и им оддаваме почит за нивното херојство, нивната жртва, за тоа што го дадоа за својот град. Им благодариме за идеите, за потребата да си свој на своето. Ветуваме дека како генерација ќе се грижиме за почитта кон нив, да не бидат заборавени, рече Мемети.

Според него, над 380 лица го дале својот живот за слободна Струга, во тешка и неизвесна борба со окупаторот.

На 19 октомври 1944 година во раните утрински часови Струга била окупирана од германските единици и нивните помагатели. Борците во Струга биле во исклучително тешка положба и многу малку во споредба со окупаторот, чии единици биле распоредени во Охридско-струшкиот регион со најсовремено оружје и опрема. Но, како што вели, иако опкружени од сите страни, на страната на срушките борци бил идеалот Струга да биде слободна.

Денес Струга е модерен град. Град што блика со својата светлост и убавина, град на две води, на мостовите и поезијата, пример за мултиетничка и мултикултурна толеранција.

Најнови вести од Македонија

To top