Добитничката на Нобеловата награда за мир за 2023 година, Наргес Мохамади, е уапсена во Иран, објавија денеска нејзините симпатизери.
Фондацијата што го носи нејзиното име соопшти дека Мохамади е уапсена на комеморација на адвокат за човекови права, кој неодамна беше пронајден мртов.
Иран досега не соопшти за апсењето.
Меѓутоа, поддржувачите на Мохамади со месеци предупредуваат дека постои ризик таа повторно да биде уапсена откако беше ослободена од затвор во декември 2024 година од медицински причини.
Иако требаше да биде слободна само три недели, таа остана подолго, веројатно затоа што активистите и западните земји вршат притисок врз Иран да ја задржи на слобода.
Мохамади го продолжи својот активизам со јавни протести и појавувања во странски медиуми, вклучително и демонстрации пред затворот Евин во Техеран, каде што беше држена.