Свет

Земјите членки на ЕУ се договорија за замрзнување на руските средства на неопределено време

Земјите членки на ЕУ постигнаа начелен договор за замрзнување на руските средства во блокот на неопределено време, што се оценува како значаен чекор напред кон постигнување договор за одобрување на планот за нивно користење за исплата на т.н. заем за репарации за Украина.

Одлуката треба формално да биде донесена утре на состанокот на Комитетот на постојаните претставници на владите на земјите членки на ЕУ (Корепер), врз основа на членот 122 од Договорот за функционирање на ЕУ, кој предвидува дека во услови на „економска итност“ одлуки се носат со квалификувано мнозинство, наместо со консензус.

Досега одлуката за замрзнување на руски средства беше продолжувана на секои шест месеци со консензус меѓу земјите членки, па со денешното решение се отстранува стравувањето дека во иднина некоја од државите на ЕУ би можел да стави вето на понатамошно замрзнување на средствата.

Дополнително, одлуката се оценува и кака клучен чекор да се избегне враќање на овие средства на Русија ако бидат укинат санкциите кон земјата, со што се отстранува една од главните причини поради кои Белгија се противи на планот за користење на замрзнатите руски средства за исплата на заемот за репарации на Украина.

Договорот следи само еден ден откако белгискиот премиер Барт де Вевер ја доведе во прашање легалноста на идејата за „трајно замрзнување“ на руските средства врз основа на Членот 122, изразувајќи сомнеж дека има законска основа за таков потег.

– Овој член е за вонредна состојба во ЕУ. Каде е вонредната состојба? Во Украина има вонредна состојба. Но, Украина не е во Европската Унија, рече Де Вевер.

Според најавите Белгија најверојатно ќе биде воздржана на утрешното гласање во Корепер, додека Унгарија и Словачка веројатно ќе гласаат против, со што сепак би се обезбедило потребното квалификувано мнозинство за усвојување на предлогот.

To top