Свет Коалиција на подготвените

Зеленски утре во Лондон на разговори со Стармер, Макрон и Мерц за мировниот план на САД

Нацртот на мировниот договор, во чија изработка посредувале американски и руски претставници, беше критикуван дека ја остава Украина во слаба и ранлива позиција.

Зеленски утре во Лондон на разговори со Стармер, Макрон и Мерц за мировниот план на САД

Претседателот на Украина Володимир Зеленски утре ќе отпатува во Лондон, каде ќе се сретне со британскиот премиер Кир Стармер, претседателот на Франција Емануел Макрон и германскиот канцелар Фридрих Мерц, за разговори околу американскиот мировен план за Украина.

Стармер на средбата со лидерите од Украина, Франција и Германија ќе разговара за продолжувањето на преговорите меѓу американските и украинските претставници, чија цел е постигнување договор за гаранции за Украина по завршувањето на војната, пренесе „Гардијан“.

Пред две недели, четворицата лидери учествуваа на виртуелна средба на т.н. Коалиција на подготвените, на која биле разгледувани планови за европски мировни сили што би можеле да бидат распоредени во Украина во случај на примирје.

Во соопштението што го издаде Европскиот совет, тројцата европски лидери изразиле целосна поддршка за изјавите на американскиот претседател Доналд Трамп дека актуелната линија на контакт мора да биде почетна точка за сите преговори. Нацртот на мировниот договор, во чија изработка посредувале американски и руски претставници, беше критикуван дека ја остава Украина во слаба и ранлива позиција.

Почетната верзија на планот, за која се наведува дека е развиена од специјалниот пратеник на Трамп Стив Виткоф и советникот на Кремљ Кирил Дмитриев, предвидувала „драстични“ мерки што би ѝ дале на Русија невидена контрола врз воениот и политичкиот суверенитет на Украина – услови што Киев ги оцени како капитулација.

Минатиот месец Украина значително го измени планот, отстранувајќи дел од максималистичките руски барања. Во меѓувреме, американските и украинските претставници продолжуваат трет ден преговори на Флорида, додека администрацијата на Трамп врши притисок врз Киев да го прифати американскиот мировен план.

Претседателот на Русија Владимир Путин веќе одби делови од планот, при што територијалниот интегритет на Украина и мерките за одвраќање на идни руски напади се главните спорни точки за Москва.

Стармер повеќепати истакна дека Украина мора самата да одлучува за својата иднина, додавајќи дека мировните сили на Коалицијата на подготвените би имале клучна улога во обезбедување на безбедноста на земјата.

Во новата американска Национална стратегија за безбедност, објавена во петокот, Белата куќа наведе дека останува посветена на опстанокот на Украина како „одржлива држава“.

Стратегијата, исто така, дава приоритет на подобрување на односите со Москва, наведувајќи дека завршувањето на војната е клучен американски интерес за „повторно воспоставување на стратешката стабилност со Русија“.

Зеленски синоќа соопшти дека имал „многу содржаен и конструктивен“ разговор со американските пратеници Стив Виткоф и Џаред Кушнер, зетот на Трамп.

„Украина останува посветена на продолжување на искрената соработка со американската страна за да се постигне вистински мир“, напиша Зеленски на Телеграм, додавајќи дека се договориле за следните чекори и форматот на преговорите со САД.

To top