Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека моменталната задача е да се организира самото производство на системи за воздушна одбрана и ракети за нив во Украина, објавија украинските медиуми.
Зеленски го изјави ова во говорот за време на свечениот настан по повод Денот на дипломатскиот персонал.
„Украина мора да го задржи своето лидерство во Европа во однос на квалитетот и обемот на производство на оружје. Мора да забележиме уште едно историско достигнување за Украина – да го организираме самото производство на системи за воздушна одбрана и ракети за нив во Украина, или заедно со нашите стратешки партнери. Ова е она што ќе го промени балансот на моќта во нашиот регион. Ова е исклучително тешка задача, стратешка задача. За доброто на Украина, таа мора да се исполни“, им рече Зеленски на дипломатите.
Тој објасни дека Украина веќе работи на создавање сопствени системи за воздушна одбрана.
„Тука сè зависи од техничките способности на нашите специјалисти – колку брзо можат да го постигнат ова. Сепак, системите за воздушна одбрана не се создаваат брзо. Сепак, ние сме блиску до постигнување на соодветните резултати“, рече претседателот.
Тој додаде и дека Украина ќе продолжи да работи на договори што предвидуваат снабдување со системи за воздушна одбрана од своите партнери преку разни програми. (МИА)