Украинскиот претседател Володимир Зеленски денеска изјави дека неговата земја се подготвува да ги обнови дипломатските односи со Сирија, пренесоа украинските медиуми.
-Се подготвуваме да ги обновиме дипломатските односи со Сирија и соработката во меѓународните организации, рече Зеленски откако го слушна извештајот на министерот за надворешни работи, Андриј Сибига и министерот за земјоделство, Виталиј Ковал по нивната посета на Сирија претходно оваа недела.
„Украина ќе ги поддржи сите напори за стабилизирање на Сирија. Ќе создадеме програма „Зрно од Украина“ за соработка со сириската администрација и сите заинтересирани партнери. Ќе се ангажираме со Европејците и Америка за да обезбедиме максимална поддршка“, рече Зеленски. Тој додаде дека „повеќе стабилност на Блискиот Исток значи повеќе мир и трговија за сите партнери“.
На 27 декември, Зеленски најави испорака на 500 тони украинско пченично брашно во Сирија како дел од хуманитарната иницијатива „Зрно од Украина“ во партнерство со Светската програма за храна на ОН.