Украина доби само 30 отсто од милион артилериски гранати што Европската унија вети дека ќе ги испорача, изјави денеска претседателот на таа држава Володимир Зеленски.
„Од милион гранати што ни ги вети Европската унија, за жал, не дојдоа 50 отсто, туку само 30 отсто“, рече Зеленски на прес-конференцијата со бугарскиот премиер Николај Денков во Киев.
Денков денеска го посети Киев, имаше средба со Зеленски и ја потврди поддршката на Бугарија за Украина. Тој истакна дека бугарската влада стои на страната на правдата и ќе продолжи да ја брани независноста, суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина.
„Нашата поддршка за Украина е заштита на самите нас“, рече Денков на заедничкиот брифинг со Зеленски.
Според него, „амбициите за руска агресија се директна закана за националната безбедност на Бугарија“. (МИА)