Володимир Зеленски намерно и со умисла ја откажал посетата на Саудиска Арабија за да не ѝ даде легитимитет на средбата САД-Русија, изјавија два добро упатени извора за „Ројтерс“.
Украинскиот претседател требаше денеска да го посети Ријад, ден откако таму се сретнаа високи делегации на САД и Русија за да разговараат за подобрување на билатералните односи и за почеток на мировните разговори за Украина. Зеленски од Анкара порача дека ја одложува посетата до 10 март „за да нема никакви коинциденции“.
„Украина не сакаше да се појави во Ријад за да не му даде никаков легитимитет на она што се случи таму“, изјави еден извор.
„Не сакаме никој за ништо да решава зад нашиот грб. Без Украина не може да се донесе одлука за тоа како да се заврши војната во Украина“, кажа Зеленски.
Доналд Трамп притиска за брзо почнување мировни разговори и за брзо завршување на војната, но засега е нејасно што планира. Американскиот министер за одбрана Пит Хегсет кажа дека Украина не треба да очекува членство во НАТО и враќање во своите некогашни граници.